| четврток, 6 декември 2018 |

Поддршка за лицата со Даунов синдром

Дваесет и први март е Светски ден на Дауновиот синдром. „Сите во ист свет живееме“ е годинешното мото на ЦДС, а македонската актерка Искра Ветерова е годинашниот промотор на ЦДС

Daunov S kinoteka 01 (Custom)

Ида Мантон, претседателка на ЦДС и Коста Ќука

Лицата со Даунов синдром може да бидат работоспособни, сами да се издржуваат, да живеат самостојно. Многу важно е да се потрудиме системски заеднички да понудиме поквалитетен живот на овие лица. Тие живеат во нашиот свет и не треба да ги игнорираме. Наша обврска е како општество да го сториме тоа. За жал, сѐ уште нема изградена свест за тоа и треба да се избориме – изјави Ида Мантон, претседателка на македонскиот Центар за Даунов синдром (ЦДС).

Дваесет и први март е Светски ден на Дауновиот синдром. „Сите во ист свет живееме“ е годинешното мото на ЦДС, а македонската актерка Искра Ветерова е годинашниот промотор на ЦДС.

Daunov S kinoteka 04 (Custom)

Искра Ветерова е годинашен промотор на ЦДС

– Почестена сум и не знам дали ќе ги исполнам очекувањата. Јас сум длабоко инспирирана од нивниот однос кон животот и како тие се справуваат со своите битки. Она што е вообичаено за нашето секојдневние, за нив е борба. Тие светот го прифаќаат со насмевка. Кај нив нема да видите човек полн со гнев или предрасуда. Тоа е просто трогателно и сакам да учам од нив. Длабоко креативни се и како промотор ќе се обидам да издејстувам тие да ја покажат својата најубава страна. Проблемот е во јавноста, која е полна со предрасуди – изјави Ветерова. Таа најави дека има проект за кој дополнително ќе информира.

Daunov S kinoteka 02 (Custom)

Проблемите на лицата со Даунов синдром, се од различен тип зависно од нивната возраст.
– Оние кои се во училиште се обидуваат да ги поминат сите школски активности кои им се препрека. Државата работи на тоа да има интеграција, односно овие деца да се вклопат во редовната настава. Проблемите почнуваат уште од раѓањето. Има дечиња кои имаат здравствени состојби поврзани со Дауновиот синдром. Четириесет отсто од бебињата со Даунов синдром имаат тешки кардиопатии кои бараат хируршки интервенции – изјави Мантон, мајка на двегодишната Луција која има Даунов синдром.

Daunov S kinoteka 03 (Custom)

Во повеќе западноевропски држави има многу добри услови за лицата со Даунов синдром да може да станат функционални, да бидат редовно вклучени и во училиштата и во работниот однос и да имаат богат живот.

Од ЦДС се вклучуваат во светската мапа на голема кампања по повод Светскиот ден на Дауновиот синдром, која во сите земји е различна, но годинава заеднички чинител е носењето шарени чорапи. По тој повод Центарот за Даунов синдром утре од 12 до 12.30 часот организира прошетка од Министерството за труд и социјална политика до плоштадот „Македонија“, каде сите кои ќе дојдат ќе имаат можност да купат книга од издавачката куќа „Матица македонска“. На 21 март во 17 часот во Кинотеката на Македонија ќе биде отворена фотографска изложба и три документарни филма направени од американски асоцијација, здруженија на Даунов синдром, а на 22 март ќе бидат прикажани три филма.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top