Министерот за локална самоуправа на Албанија, Бленди Чучи, дал цврсти гаранции дека Пустец како малцинска област на Македонците нема да се укинува, туку и натаму ќе опстојува како локална самоуправа, пишува Утрински весник.
Чучи ова го кажал во Корча на средба со претставници на македонското малцинство и на Општината. Градоначалникот на Пустец, Едмон Темелко, рекол дека тоа биле консултации за територијалната реформа во Албанија со претставници од централната власт, локалната самоуправа, политичките партии и невладиниот сектор. Како што е познато, со новата територијална поделба во Албанија бројот на општините ќе биде драстично намален.
„Што се однесува до Општина Пустец, министерот Чучи кажа дека нема да се укине и дека останува како признато македонско малцинство во Албанија. Побаравме и Гора и Голо Брдо, општините кои се во овие области, да се припојат во една. Голо Брдо да биде цела област и една општина. Таму сега има три општини каде што е доминантно македонското население. Исто така, и во Гора, каде што сега има две општини, да се припојат во една. Договорено е министерот Чучи да дојде во посета на Пустец и таму да ги продолжиме консултациите“, изјави за „Утрински весник“ генералниот секретар на Македонската алијанса за европско интегрирање, Васил Стерјовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.