Министерката Гордана Јанкуловска во денешното гостување во вестите на Канал 5, истакна дека во 2013 за 20 проценти е порасната ефикасноста по однос на документирани и откриени кривични дела кои се коруптивни, што само по себе зборува дека и довербата кај граѓаните расте.
Таа посочи дека од 2007 кога е отворена посебната телефонска линија 199 над 4.000 граѓани досега пријавиле корупција. По дел од пријавите се откриени и едни од најголемите коруптивни случаи како Метастаз и Змиско око.
Во однос на гаранцијата за мирна кампања и фер гласање за двата изборни циклуси, Јанкулоска вели дека подготовките се започнати многу порано, а полицајците кои ќе бидат ангажирани веќе се на повторна обука.
– Свесни сме за значењето на изборите како процес и посебно по распишувањето на предвремените парламентарни избори, дополнителна обврска за нас е да обезбедиме колку што е можно почиста ситуација на теренот за постапување на сите надлежни институции заради комплексноста на самиот изборен процес, преплетување на кампањите, преклопување на термините. Од она што досега може да го согледаме на теренот не постојат некои сериозни причини за да бидеме загрижени, сепак пристапуваме максимално сериозно и токму заради тоа одлучивме низ повторна обука за правилата на изборниот процес да поминат над 7.000 полициски службеници кои ќе бидат ангажирани околу изборниот процес, истакна министерката за внатрешни работи.
Јанкулоска посочи дека со претседателските избори МВР има уште една дополнителна обврска, односно Законот гарантира право на секој кандидат за претседател да му се овозможи физичко обезбедување од страна на МВР. Министерката додаде дека еден од кандидатите веќе се обратил до МВР за физичко обезбедување, а тие остануваат отворени за сите и без разлика дали кандидатите ќе побараат или не обезбедување, полицијата во целост е подготвена за процесот.
Во вестите на Канал 5 Јанкулоска говореше и за последната заплена на полицијата и пресекување на меѓународен канал на шверц на дрога, за апсењето на наркобосот Дарко Шариќ, но и за оставеното бебе од родителите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


