Најголем дел од актуелните пратеници на СДСМ не се меѓу омилените канидати на листите кои општинските одбори на партијата и ги доставиле на централата на Бихаќка – пишува Дневник. Со исклучок на блиските соработници на претседателот на партијата, Зоран Заев меѓу пратениците, на листите на СДСМ можно е да не се најде ниту еден од актуелните пратеници на опозицијата. Дали Заев прави чистка или пак членството е решено да ги смени оние кои не им ги испорачале посакуваните резултати, останува да се види до 29 март кога е последниот рок во кој партиите треба да ДИК да му ги достават листите со кандидати за пратеници за парламентарните избори.
„Во разграноците во градовите имало од 30 до 40 предлози за кандидати за пратеници, што е речиси идентично со минатите избори. Сите предложени имиња ќе бидат испратени до централата, велат од СДСМ, но, како што брифираат од партијата, интересно е што, за разлика од изборите во 2011 година, овој пат има голем интерес и од лица чии имиња се сосема непознати за јавноста. Иако меѓу предлозите има и пратеници во заминување, акцентот е ставен на анонимни партиски членови. Членството на СДСМ, како што велат наши извори, во собраниските клупи сака да види и дел од актуелните високи членови на СДСМ, односно најблиските соработници на Зоран Заев за кои се зборува дека сепак ќе се држат настрана од пратеничките места. “ – пишува Дневник.
Прес 24 пак, повикувајќи се на свои извори, објавува дека постарата пратеничка гарнитура била подготвена за ваков развој на настаните и дека се очекува во периодот до 29 март на Бихаќка да се вжешти ситуацијата.
-Според информациите, од блиските луѓе на Црвенковски пратеничко столче може да добие само Игор Ивановски, додека висат позициите на Емилијан Станковиќ, Горан Минчев и Јани Макрадули, додека за Наташа Савова, Андреј Петров, Ана Данева и Гордан Георгиев повеќе од извесно е дека нема да има место во новото Собрание. Неофицијалните информации говорат дека значителен рез ќе има и за местата за коалиционите партнери. Тито Петковски нема да може да смета на 4 добитни места на листите бидејќи половина ќе одат за либерал демократите на Жерновски. Од игра најверојатно ќе испаднат и Сафет Бишевац и Ленче Николовска, а високо на листата нема да биде позициониран ниту Ивон Величковски од ЛП.
Андреј Петров во интервју за Република изјави дека е тривијално и сосема небитно е кој ќе биде пратеник од СДСМ.
-Дај боже СДСМ да победи, а јас да не бидам пратеник. За СДСМ сум подготвен и да седам и на избирачка кутија на овие избори доколку тоа му помогне. Јас уште на 1 септември 2013 година изјавив дека немам намера да барам уште еден пратенички мандат од граѓаните – рече тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.