| четврток, 6 декември 2018 |

Филип Гордон заминува, доаѓа Викторија Нуланд

Викторија Нуланд е можниот наследник на Филип Гордон на местото помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања  чиј ресор е задолжен и за Македонија, пишува весникот „Вашингтон пост“.  Весникот објави дека Гордон веројатно ќе биде преместен во Советот за национална безбедност на претседателот, отворајќи простор за новиот државен секретар Џон Кери да донесе поблизок помошник.

Една од можните замени на Гордон е портпаролот на Стејт департментот Викторија Нуланд, која добро ја познава Македонија и работеше со нашата земја како поранешен американски амбасадор во НАТО во времето на самитот во Букурешт. Нуланд е омилен дипломат во Стејт департментот, и високо котира независно од тоа дали републиканците или демократите се на власт. Во времето на државниот секретар Медлин Олбрајт, таа беше шеф на кабинетот на заменикот државен секретар Строуб Талбот. По доаѓањето на претседателот Џорџ В. Буш на власт, Нуланд го советуваше потпретседателот Дик Чејни, за од 2005 година да биде именувана за амбасадор во НАТО.

Викторија Нуланд е сопруга на Роберт Каган, еден од најпознатите нео-конзервативни теоретичари на идејата за агресивно ширење на демократијата низ светот и син на познатиот историчар на античка Грција Доналд Каган.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top