Нови железнички делници и нови современи вагони стануваат македонска реалност, која досега само ја посакувавме. Пругата кон Бугарија го отвора патот за забрзано економско поврзување на двете земји, но и за помали трошоци за нашите фирми, кои досега плаќаа многу за користење на солунското пристаниште, а наскоро ќе можат да го користат пристаништето во Бургас. Конкуренцијата и можноста за избор кое пристаниште ќе се користи ќе ги намали цените, а со тоа и трошоците на фирмите. Освен придобивки за фирмите, новата пруга, како и новите вагони што се очекуваат наскоро да пристигнат, ќе го подигнат и квалитетот на патувањето, што ќе значи повеќе патници и повеќе прилив на средства во железницата. Тоа, пак, ќе го затвори кругот со нови инвестиции во овој домен. Сѐ на сѐ, современи возови и пруги е тоа што досега можевме само да го видиме на слика, а наскоро, со инвестициите што почнаа да се реализираат на терен, ќе станат наше секојдневие. Плановите на железница за претстојниот период се амбициозни, но и остварливи.
– Почна градбата на првата делница од вкупно три планирани, делницата Куманово – Бељаковце. Динамиката на реализација на другите две делници зависи од обезбедувањето финансиски средства, а нашите очекувања се дека таа треба да заврши во периодот до 2022 година. Активно работевме на подготвување на целата потребна документацијата за изградбата на втората делница-секција од Бељаковце до Крива Паланка на која треба да се почне со работа во 2015 година и да се заврши 2019 година, но работиме и на комплетирање на железничкиот дел од Коридорот 8 со делницата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, како последна секција, која треба да почне во 2017 година и да заврши 2022 година. Веќе е потпишан и договорот за изработка на основниот проект за делницата од Бељаковце до Крива Паланка, по што до 2015 година треба да биде избрана и компанијата што ќе ги извршува градежните активности на овој потег. За последниот дел од Крива Паланка до Деве Баир на бугарската граница, долг 23 километри, изработен е основниот проект за трасата и целосната документација е доставена до Европската комисија од каде што се чека за добивање финансиски средства преку фондовите на ИПА за доработка на другата потребна техничка документација – вели Елена Кузмановска, државниот секретар во Министерството за транспорт и за врски.
Според Кузмановска со изградба на железничкиот Коридор 8 ќе се отвори уште една алтернатива на транспортните коридори. – Самата конкуренција меѓу трасите и модалитетите на транспорт овозможува и подобра услуга за корисниците на транспортните услуги, а, пред сѐ, за компаниите – домашните и странските, кои транзитираат на нашата територија – додава државниот секретар во Министерството за транспорт и за врски.
Според бизнисмените, изградбата на нова пруга ќе значи многу за македонската економија и за фирмите.
– Пругата за Бугарија има стратегиско значење за македонската економија. Со оглед на тоа дека нашата земја нема излез на море, ќе може да го користиме пристаништето во Бургас. Сега единствена можност ни е солунското пристаниште, кое го држи монополот на пристанишниот сообраќај, па поради тоа држи високи цени на бродскиот транспорт. Со отворањето на можноста за користење на бугарското пристаниште, солунското пристаниште ќе добие конкуренција, поради што ќе мора да ги намали цените на своите услуги – вели Мирче Чекреџи од Сојузот на стопански комори.
Тој додава дека инвестирањето во инфраструктурата е тоа што деловната заедница одамна го бара, а Владата го реализира.
– Вложувањата во инфраструктурата се стратегиски бидејќи од таквите инвестиции корист ќе има целата држава. Парите во ваквите проекти многу брзо се враќаат – објаснува Чекреџи.
Став и на Стопанската комора на Македонија е дека Коридорот 8 е еден од клучните приоритети за македонското стопанство.
– Изградбата и развојот на Коридорот 8 е поставен како еден од главните приоритети за македонското стопанство во наредниот период. Не само за нашата економија, Коридорот 8, како еден од десетте паневропски транспортни коридори, е значен и за развојот на вкупната регионална и на интрарегионална соработка, па оттука изнаоѓањето на начини и можности за негово соодветно финансирање и изградба би било во функција на успешно приближување на регионот до ЕУ. Коридор 8 е вистинска потреба и реалност бидејќи ги има истите карактеристики и тенденции на поимот глобализација како светски процес, а тоа се: либерализирана меѓународна размена и меѓународно мобилни капитални инвестиции отворајќи простор за поширока меѓурегионална соработка – велат од Стопанската комора на Македонија.
Оттаму додаваат дека Коридорот 8 е една од главните алки за поврзување на дел од европските земи и на земјите од Западен Балкан со Блискиот Исток и со Централна Азија претставувајќи мултимодален проект во кој се содржани патишта, железница, нафтоводи, транспортна мрежа и инфраструктура.
– Овој коридор, од инфраструктурен аспект, заостанува во однос на сите други паневропски коридори и во таа насока почетокот на изградбата на железничката пруга со која ќе се овозможи поврзување со Бугарија и со Албанија е позитивен одговор на нашето барање од 2010 година за пораст на капитални инвестиции во функција на модерната инфраструктура на земјата – односно реализација на крупни инфраструктурни проекти – вели Билјана Пеева – Ѓуриќ, директорката на Дирекцијата на здруженија според дејности во Стопанската комора на Македонија.
Во делот на железничката поврзаност, во Република Македонија постојат два алтернативни железнички патишта од албанскиот пограничен град Лин до Скопје – Северен и Централен дел. Северниот дел на железницата од Лин преку Кичево до Скопје е во должина од 182 километра. Од Лин до Кичево во должина од 65 километра не постои железничко поврзување, а другиот дел до Скопје е поврзан. Централниот дел би имал должина од околу 240 километри и би го поврзувал Лин со Сопотница преку Прилеп и Велес, кој, исто така, не е изграден. Во делот од Скопје до Деве Баир има еден железнички пат во должина од 123 километри, од нив 55 километри се во изградба, која е во 15-годишен застој.
– Република Македонија како земја без излез на море и без директен пристап до главните морски пристаништа, со слепи завршоци на правецот исток-запад, има огромен интерес од реализирање на Коридорот 8. Балканските земји ја остваруваат стопанската соработка на површина од околу 750.000 квадратни километри, која се реализира преку сите видови сообраќај – додава Пеева – Ѓуриќ.
Оцената за големата улога и за значењето што ги има Kоридор 8 за македонското стопанство може да се илустрираат со следниве позначајни економски показатели:
– Вкупната вредност на стоковната размена на Република Македонија со балканските земји во 2013 година изнесувала 4 милијарди американски долари, што е дури 38 проценти од вредноста на вкупната стоковна размена на Република Македонија со странство
– Само со трите балкански земји од Коридорот 8 (Албанија, Бугарија и Турција) вкупната вредност на стоковната размена изнесува 1,2 милијарда американски долари што е 11 проценти од вредноста на вкупната стоковна размена на Република Македонија со странство, односно 30 проценти од вредноста на размената на балканско ниво.
– Од тежински аспект, со балканските земји во 2013 година разменетата стока е во количина од 1,8 милиони тони, со учество од 70 проценти во вкупниот обем на стоковна размена со странство.
– Вкупната количина на разменета стока со трите балкански земји од Коридорот 8 (Албанија, Бугарија и Турција) изнесува 600.000 тони, со учество од 23,3 проценти во вкупниот обем на стоковна размена со странство, односно 30 проценти од вкупната разменета количина на балканско ниво. Во оваа размена се вклучени и Албанија и Бугарија со кои имаме само патна, но не и директна железничка поврзаност, а ниту, пак, патната поврзаност е на задоволителното ниво за да обезбеди позабрзан проток на стоката во двата правца.
– Со реализацијата на Коридорот 8 не само што ќе се олесни експанзијата на стоковните текови меѓу трите земји по него, туку ќе биде значаен и за подинамична размена за пазарите на ЕУ до Централна Азија и обратно, претворајќи го југоисточниот европски регион во зона на слободна трговија. Преку комплементарно поврзување на стопанските структури, тој ќе обезбеди многу подобар пристап до светските пазари и до потребните суровински извори – е став на Стопанската комора.
Анализата на одговорните во оваа комора говори дека во контекст на придобивките од Коридорот 8 не треба да се изостават ефектите во туристичката сфера, зголеменото вработување, развојот на нов бизнис по коридорот, како и олеснување на начинот на комуникации меѓу различните култури од регионот и пошироко.
– Тоа што е многу значајно, Коридорот 8 ќе го олесни патот на Македонија и на Албанија до ЕУ, со оглед на тоа дека оската што ќе поминува низ нив ќе стане дел од ЕУ, а со нивно вовлекување во овие заеднички проекти ќе се намалат и меѓусебните економски разлики.
Со железничкото поврзување по Коридорот 8 видно ќе се подобрат инфраструктурните услови за зголемување на странските инвестиции во нашата држава, за пласирање на македонските производи, а тој ќе има и големо значење за надворешната политика – додаваат од Стопанската комора на Македонија.
Освен градењето на пругата во делот на железничкиот транспорт, Министерството за транспорт и за врски реализира проект за обнова на возниот парк. Во тек е производството на новите вагони, а, исто така, ќе бидат набавени и нови патнички гарнитури и ќе се репарираат локомотиви. Тоа ќе значи осовременување и модернизација на железничкиот транспорт во земјава од пролетта 2015 година.
Веќе се порачани товарни и патнички вагони и локомотиви, поточно порачани се 150 товарни вагони вредни околу 13 милиони евра и шест локомотиви со гарнитури во вредност од околу 23 милиони евра. Првата испорака на товарните вагони се очекува во јули, а сите ќе пристигнат во земјава до крајот на годинава. Средствата за оваа инвестиција се обезбедени од Европската банка за обнова и за развој.
Договорот за локомотивите треба да биде потпишан овој месец со компанија која ќе ги произведе и достави во Македонија. Од шесте планирани локомотиви две на електричен погон, а четири на дизел. Сите ќе имаат гарнитури за по 1.200 патници.
Од министерство за транспорт и за врски најавуваат дека и железничката станица во Скопје ќе биде реконструирана, со што ќе се добие пристојна и модерна железничка станица, која ќе ги задоволува сите безбедносни потреби на патниците, промовирајќи зелен транспорт, со акцент на потребите на лицата со посебни потреби. Станува збор за инвестиција од околу 2,5 милиони евра, а проектот е во рамките на Оперативната програма за регионален развој во делот на транспорт и е во согласност со најдобрата воспоставена практика на Европската унија. Дел од проектот ќе биде реализиран и со буџетски средства. Со проектот се предвидува подигнување на платформата, поставување елеватори, платформи за лица со посебни потреби, електронски систем за купување билети, современа електронска сигнализација, санација на санитарните јазли и други потребни елементи за модернизација на станицата. Кон крајот на март или во април треба да почне темелната реконструкција, која е прва откако е направена станица.
Дополнително на ова, ќе бидат реконструирани и десет други железнички станици на Коридорот 10 во Македонија.
– Реновирањето на железничките станици, како и обновата на возниот парк за превоз на патници, очекуваме да влијаат на зголемување на стандардот на услугата и на атрактивноста на железничкиот транспорт за патниците – сметаат од Министерството за транспорт и за врски.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 79. број на неделникот „Република“, 7.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.