Фудбалскиот клуб „Пелистер“ денеска во Битола одржа комеморативен собир за трагично загинатиот спортист Петар Милошевски, поранешен член на клубот и директор на фудбалската репрезентација на Македонија.
За фудбалската кариера на Милошевски пред спортската јавност во Битола, поранешни и сегашни тренери и фудбалери на ФК „Пелистер“, како и претставници на навивачката група „Чкембари“, пригодно обраќање имаше Зоран Мишевски, актуелен портпарол на клубот кој потсети дека Милошевски во првиот тим на ФК „Пелистер“ настапил на 16-годишна возраст.
– Смртта на Петар Милошевски е загуба на голем човек, голема личност и спортист кој беше пример за младите таленти. Петар покажа и докажа како треба да се гради култот кон репрезентативниот дрес, како треба да се биде капитен на македонската фудбалска репрезентација и како да се претставува својот град. Верувам дека Битола на соодветен начин и со вистинска иницијатива ќе овозможи да се памети Петар Милошевски, истакна Мишевски.
Во својата фудбалска кариера голманот Петар Милошевски освен во „Пелистер“ настапувал во „Вардар“, турските екипи „Трабзонспор“, „Малатијаспорт“ и „Себатспорт“, а во Кипар настапувал за „Енозис“, беше нагласено на денешниот комеморативен собир во Битола.
– Пролетта 1991 година Петар Милошевски учествуваше со младата фудбалска репрезентација на Македонија на неколку турнири, а веднаш потоа дебитираше како прв голман на ФК „Пелистер“ на натпреварот со ФК „Загреб“ во Загреб. Тогаш сите рекоа, ова дете ќе прерасне во голем голман и спортист. Така и беше, затоа тешка е оваа загуба, рече меѓудругото битолскиот спортски хроничар, новинарот Димче Миновски.
На денешниот комеморативен собир во Битола, ФК „Пелистер“ отвори и книга на жалост која ја потпишаа спортисти и љубители на спортот од овој град.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


