Струмичани, семејството, колегите и пријателите денеска се простија од виртуозот на музиката Зоран Маџиров, а последните пораки до него ги испратија на денешната комеморативна седница.
За неговиот живот и творештво зборуваше неговиот роднина Драган Маџиров, колешката Клара Вета Патарова и музичарот Горан Кукиќ.
Драган Маџиров рече дека се работи за голема загуба за семејството и за фамилијата. – Остана твојата Нина да ги доигра недоиграните улоги на чичко Игор, остана Љубен да ги досвири композициите на својот татко. Но, спомените ќе останат вечни- рече Маџиров.
Семејната пријателка и колешка Клара Вета Патарова истакна дека пријателството кое се градело од детството е предвреме прекинато.
– Нашите татковци беа пријатели и музичари. И ние го продолживме пријателството и музицирањето. Тие се викаа Наќе, а и ние останавме да го користиме тоа „име“. Наќенце, многу муабети се недовршени, многу музика недосвирена. Можеби некаде на некое друго место ќе го завршиме тоа што го започнавме – рече Вета Патарова.
Музичарот Кукиќ посочи дека Маџиров несебично го дал својот придонес и во креирањето на музиката за струмичкиот карневал.
Зоран Маџиров (49) почина на 9 мај по седуммесечна кома од тешка сообраќајка. Беше музичар со над четири илјади концерти со музика на стаклени шишиња.
Маџиров денеска е погребан на градските гробишта во Струмица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.