По повод смртта на актерот Салаетин Билал, доајенот на НУ Турски театар, ќе се одржи комеморација на сцената на Театар „Комедија“, денеска во 13.30 часот. Тој е роден на 19 март 1942 година. Студирал на Театарскиот конзерваториум во Истанбул, Турција, а од 1964 година работи во Турската драма при Театарот на народностите – сегашниот НУ Турски театар Скопје, каде што со голема посветеност одигра голем број улоги сè до пензионирањето во 2007 година, но и потоа беше ангажиран во проектите во продукција на Турскиот театар.
Паралелно играше и во претстави на Албанскиот театар, во некогашниот Театар „Пралипе“, во независни проекти, во Македонскиот народен театар, во Драмскиот театар. Седумдесет театарски ролји на македонските професионални сцени и четириесет телевизиски и филмски улоги ја одбележуваат неговата респектабилна кариера. Посветен на театарот како личен предизвик тој се обидува и како режисер, потпишува режии на четири претстави, преведува драмски текстови и бил директор во еден период.
Актерски остварувања: Себастијан (Дванаесетта ноќ, 1966), Врабец (Џумбус,1969), Јасон (Медеја, 1973), Слугата (Слуга на двајца господари, 1974), Хаџи Тома (Коштана, 1978), Хасанага (Хасанагиница, 1979), Омер (Омер и Мерима, 1979), Д. Б. (Дамокловиот меч, 1983), Хлестаков (Ревизор, 1985) Аздах (Кавкаски круг со креда, 1989), Кара Мустафа-паша (Лудиот Ибрахим (1999), Дон Жуан (Дон Жуан, 2000), Максим Бродски (Р. Р.Р., 2001), Редарот во театарот (Министерот и јас, 2002), Вториот цариник (Куќа на граница, 2002), Ур Шабани (Гилгамеш, 2004), Алонсо (Бура, 2004), Тересија (Цар Едип, 2004), игра во Тимон од Атина (копродукција на Народниот театар во Битола, Турската драма и Laboratorio Nove − Фиренца, Италија (2005), Џо Келер (Сите мои синови, 2012) Периплектомен (Војникот фалбаџија, 2014), Пук (Сон на летната ноќ, 2015).
Во Детскиот театарски центар – Скопје во претставите „Новиот сосед“ (2004) и „Небо без рамка“ (2005), во Албанскиот театар играл во „Полковникот птица“ (2007) и во „Аквариум“ (2006). За Старецот во „Аквариум“ ја доби наградата „Златна маска“ на весникот „Вечер“ за најдобро актерско остварување на Охридско лето 2006.
Салаетин Билал ги добил наградите: наградата на списанието „Екран“ за најдобар актер во 1976 за ликот на Ахмет Нурудин во „Дервишот и смртта“; „13 Ноември“ за Хаџи Трајко во „Коштана“ (1977); „11 Октомври“ за А. Б. во „Дамокловиот меч“ (1983), две награди „Војдан Чернодрински“ за Ахмед Нурудин (1976) и за Аздах во „Кавкаски круг со креда“ (1990), награда за епизода „Димче Трајковски“ за улогата на Нуман во претставата „Стари фотографии“ (Прилеп, 1993) и наградата за животно дело (2014).
Салаетин Билал снима и филмови: Најдолгиот пат (1976), Пукајќи се троши олово и Време води (1980), Полноќно сонце (1982), Македонска сага (1993), Зад непријателската линија и Ангели на отпад (1995), Џипси меџин (1997), Одмазда и прашина (2001), Чекор пред времето (2003), Андер и илузија (2004), Стапица (2006), Сенки (2007), Мајки (2010), Трето полувреме (2012), Балканот не е мртов (2013), Херој (2013) и До балчак (2014).
Голем број ролји во телевизиски серии и драми: Волшебното самарче (1975), Итар Пејо (1977), Илинден (1982), Белото циганче (1984), Солунски патрдии (1986), Тврдокорни (1988-1992), Македонски народни приказни (1994) и уште многу други.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.