| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија, Црна Гора, Босна, Грузија и Косово заедно за проширување на НАТО

macedonia-natoМакедонската дипломатија во САД застана на чело на напорите на земјите кандидатки за членство во НАТО, кои по избувнувањето на кризата во Украина го поставија прашањето на проширување на Алијансата.

Во Конгресот на САД се одржа заеднички настап на амбасадорите на Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Грузија и заменик амбасадорот на Косово, кои заеднички го претставија своето барање за прием во НАТО, односно за отворање на МАП процесите и прием во Партнерството за мир. Сличната иницијатива на земјите – аспирантки, пред Самитот на НАТО во Чикаго во 2012 година, доведе до ветувањето на државниот секретар Хилари Клинтон дека следниот самит ќе биде самит на проширување. Но, оваа година, подготовката на самитот се совпадна со драматичната криза во Украина, која одеднаш прашањето на проширување на НАТО го исфрли меѓу приоритетите на САД.

– Русија спроведува распарчување на Грузија, Молдавија, Украина. Не можеме веќе да играме одбрана, треба да тргнеме во напад. Мораме да покажеме дека проширувањето на НАТО се уште трае и да ги придвижиме напред Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Грузија и Косово- изјави Дејмон Вилсон, потпретседател на Атланскиот совет на САД.

Вилсон оцени дека за приемот на Македонија во НАТО ќе биде потребен сериозен ангажман на САД, кои ќе треба да го завршат најголемиот дел од работата за отстранување на грчката блокада, како и да се издејствува поддршка од европските сојузници.

Средбата во Конгресот на САД се надоврзува на секојдневно растечкиот интерес за проширувањето на НАТО за кое досега се изјаснија влијателни сенатори како Џон Мекејн и Кристофер Марфи, 40 конгресмени кои упатија писмо до државниот секретар Џон Кери, но и голем број поранешни високи функционери и експерти кои бараат начин како да се одговори на руското распоредување во Крим.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top