Во Музејот на град Скопје беше отворена ретроспективна изложба на делата со кои Република Македонија во изминатата деценија беше претставена на најпрестижниот светски настан од областа на архитектонското творештво – Биеналето на архитектурата во Венеција.

– Пред нас се делата на македонските автори кои низ петте претставувања на Република Македонија на оваа интернационална ревија на архитектурата (во периодот од 2004 до 2012 година) имаа можност, рамноправно со уметниците од целиот свет, да ги претстават нашите архитектонски достигнувања и креативни идеи пред европската и светската јавност. Преку учествата на Венециското биенале, Република Македонија се етаблираше во меѓународниот културен контекст и стана видлива како земја која поседува голема креативна моќ, земја на автори кои имаат изразени, сопствени ставови со кои се афирмира македонската архитектура и култура во светот – рече министерката Елизабета Канческа-Милевска.

Архитектонското биенале во Венеција има исклучително влијание не само врз областа на архитектурата, туку и врз поширокиот културен дискурс. Биеналето во Венеција постојано ги одразува или ги антиципира најзначајните движења во светот на уметноста кои наоѓаат свој одраз, дури и во земјите кои не учествуваат на него.
– Учеството на Биеналето е особено важно за претставувањето на секоја држава бидејќи на тој начин добиваме можност да презентираме сегмент од сопствената архитектонска сцена и да дадеме придонес во севкупната архитектонска слика на нашето време. Би сакала да забележам дека благодарение на Министерството за култура, кое цврсто застана зад поддршката на сите досегашни претставувања на нашата држава на Биеналето на архитектурата во Венеција, пред европската публика и критика се претставија многу македонски автори, архитекти кои понудија свежи, иновативни изложби, актуелни проекти кои го презентираа нивниот голем творечки потенцијал – истакна Канческа-Милевска.

Во овие изминати десет години, македонските национални павилјони дадоа забележителен придонес на глобалната архитектонска сцена, а на 10-то Венециско биенале, проектот „Град на можни светови“, се здоби и со Специјално признание, што е досега најголем успех на нашата држава на Венециското биенале.
– Во оваа смисла би сакала да го изразам моето уверување дека и оваа година проектот „Наоди“ на Младинскиот културен центар ќе го испровоцира вниманието на јавноста во Венеција и дека ќе имаме значајно претставување на овој реномиран настан. Ќе завршам со максимата на познатиот американски архитект Френк Лојд Рајт, кој говорејќи за универзалното значење на архитектурата во една пригода забележал дека „архитектонските вредности ја сочинуваат основата на човековите вредности“. Токму таквите вредности кои Република Македонија ги поседува во изобилство, мораме да продолжиме да ги негуваме и да ги споделуваме со целиот свет – заврши Канческа-Милевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Во живо од Венеција: Градот е под вода, ама буквално, се е поплавено, водата е до струк и уште надоаѓа!
-
Звучните уметници Тони Димитров и Мартин Георгиевски на првото Биенале на западен Балкан
-
Пожар во познатата опера „Ла Фениче“ во Венеција
-
Македонија на Венециското биенале со „Ослободување на просторот“


