СДСМ соопшти дека со огромна чест и задоволство денеска ја предале кандидатурата за претседател на Република Македонија од Социјалдемократскиот сојуз и од коалициските партнери за проф. д-р Стево Пендаровски, идниот претседател на Република Македонија.
– На овој начин денеска почнува една нова епоха на победи за Социјалдемократскиот сојуз и на победи за граѓаните на Република Македонија. Нудиме претседател на сите граѓани на Република Македонија, претседател со авторитет, претседател што има визија за Република Македонија и за граѓаните – изјави генералниот секретар и шеф на изборниот штаб на СДСМ, Оливер Спасовски.
Кандидатот за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски, им се заблагодари на сите пратеници, на комплетната пратеничка група на Социјалдемократскиот сојуз за нивните потписи и за довербата, која му ја дале за да може да ја поднесе кандидатурата.
– Голема благодарност до сите други пратеници и коалициски партнери од здружената опозиција, кои ги дадоа своите потписи и политичка поддршка за поднесување на оваа кандидатура. Но, сакам посебно да нагласам, чувствувајќи максимална почит, кон сите што ме поддржаа со својот потпис или со својот збор, дека јас имам намера да бидам претседател на сите граѓани, независно од нивната партиска, верска или религиозна припадност – изјави Пендаровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.