Вчера во Скопје по подолго боледување почина писателот Србо Ивановски. Погребот ќе се одржи утре во 12 часот на гробиштата Бутел. Србо Ивановски е еден од најзначајните автори, претставници на втората генерација повоени македонски писатели. Во развојните процеси на македонската литература тој остави длабоки траги како поет, раскажувач, романсиер, драмски автор и писател за деца. Беше член на Друштвото на писателите на Македонија од 1949 година, а еден мандат беше претседател на ДПМ.
Роден е во 1928 година во Штип. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Работел како уредник во Телевизија Скопје. Србо Ивановски зад себе остави обемен и разновиден опус во кој, меѓу другите, влегуваат и следните книги: „Лирика“, „Желби и меѓи“ , „Средби и разделби“, „Бели крикови“, „Маѓепсан патник“, „Пена од планината“, „Близу до животот близу до смртта“, „Жена на прозорецот“, „Осамени“, „Мартин Нуната“, „Леонида трча окрвавен“, „Кога тетин Клименте шеташе над градот“ , „Додека го чекавме Андреја“, „Балада за исчезнатите“, „Неподобниот“, „Ангелот и лудите цвеќиња“.
Србо Ивановски добитник е на високи книжевни награди, меѓу кои: „Кочо Рацин“, „13 Ноември“, „Стале Попов“ и „Книжевно жезло“ за опус од Друштвото на писателите на Македонија. Српското издание на неговата книга песни „Маѓепсан патник“ во 1976 година ја доби наградата „Бранко Миљковиќ“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на најновата книга „Липите кај Сарај куќа“ на Лидија Дочовска Павловска во ДПМ
-
Загајевски стана почесен член на Друштвото на писатели на Македонија
-
„Празник на липите“: Врачени наградите „Книжевно жезло“ на Видое Видически и Ѓеорѓе Добре
-
„Празник на липите“ в четврток во Друштвото на писателите на Македонија