
На полноќ истекува рокот политичките партии да ги достават кандидатурите за претседателските избори до Државната изборна комисија (ДИК) закажани за 13 април.
Кандидатите се веќе познати и потврдени од партиите – актуелниот претседател Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ, Илијаз Халими од ДПА, Зоран Поповски од ГРОМ и Стево Пендаровски од СДСМ.
Претставници на ВМРО-ДПМНЕ вчера напладне ја поднесоа кандидатурата за Иванов поддржана со повеќе од 63.000 потписи од граѓани, како и со потписи од пратеничката група на коалицијата За подобра Македонија. Вчера до ДИК беше поднесена и кандидатурата на Илијаз Халими од ДПА, поддржана од 10.000 граѓани. Кандидатурата за Зоран Поповски од ГРОМ со поддршка од 10.000 потписи е поднесена завчера. Како што најавија од СДСМ, кандидатурата на Пендаровски ќе биде поднесена денеска, а е поддржана од сите пратеници на партијата и нивните коалициски партнери.
Ждрепката за утврдување на листата на кандидати за претседател ДИК ќе ја одржи во понеделник, на 17 март. Еден ден подоцна листата треба да биде објавена во „Службен весник на Република Македонија“.
Кампањата за претседателските избори започнува на 24 март, додека за предвремените парламентарни избори на 5 април. Молк ќе има на 12 и на 13 април, пред првиот круг од претседателските избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


