– Новиот објект на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле се очекува да биде отворен во септември годинава. Објектот ќе има нова софистицирана опрема, комплетна кадровска екипираност и високостручен кадар едуциран надвор од државата –
најави денеска директорот на Институтот, Оливер Зафировски.
– Се работи за нов и современ објект во кој се имплементирани сите европски стандарди за модерни болници. Може да се пофалиме дека Владата и Министерството за здравство вложија големи напори да нема застој и новиот објект да биде завршен навреме во
предвидениот рок – посочи Зафировски.
Тој појасни дека капацитетот на новиот објект ќе биде над 120 деца кои ќе се лекуваат во болнички двокреветни соби со можност за престој со нивните родители и оти нема повеќе да има соби во кои ќе има повеќе од две деца. Секоја соба, укажа тој, ќе има свој санитарен јазол, клима-уред, ЛЦД-телевизор, интернет конекција и ќе ги има сите современи стандарди за лекување и престој на деца.
Зафировски посочи дека во изминатите две години се вработиле 17 нови доктори на Институтот од кои четворица се специјалисти.
– Шеесет отсто од колегите се на едукација надвор од Македонија. Веќе две колешки се на тримесечна едукација во Италија во Ватиканската болница. Претходно таму беа четири колешки, а уште шест треба да заминат во истата болница. Медицински сестри од Институтот отидоа во една од најсовремените болници во Истанбул – истакна Зафировски.
Додаде дека ќе биде олеснет и пристапот до новиот објект на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, а на местото на стариот објект ќе биде изграден паркинг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.