| четврток, 6 декември 2018 |

Венгер: Знаеме дека можеме да победиме во Минхен

Четири реваншни натпревари од осминафиналето во Лигата на шампиони ќе се одиграат денеска и утре. Вечерва на програмата се два натпревара, актуелниот европски првак Баерн Минхен со предност од 2:0 ќе го пречека Арсенал, како и Атлетико, кој во Мадрид ќе го пречека Милан, со минимална предност од 1:0.

Францускиот стратег Арсен Венгер најави дека неговиот тим нема да се предаде на реваншниот дуел од осминафиналето во Лигата на шампионите против Баерн Минхен.

Знаеме дека можеме да победиме во Минхен бидејќи тоа го направивме минатата година. Имаме квалитет и желба, а со добра игра верувам дека можеме да успееме. Мораме да бидеме фокусирани на натпреварот и полека без нервоза да играме. Би било одлично ако први постигнеме погодок, но тоа нема да биде пресудно – вели Арсен Венгер.

Секако дека е добро што имаме предност од два гола од првиот натпревар и имаме голема шанса да се пласираме во наредната рунда во Лигата на шампиони која во овој момент ни е побитна од Бундес-лигата. Нема да го браниме резултатот од првиот натпревар туку повторно ќе одиме на победа. Очекувам од моите играчи во овој меч да дадат сѐ од себе и да играат како да е во прашање финале – изјави тренерот на Баерн, Пеп Гвардиола.

Милан вечерва ќе излезе со една цел на теренот, да дојде до победа и поволен резултат кој ќе ги однесе понатаму, но Диего Симеоне изјави дека, исто така, оди на победа.

Милан има одлични играчи и од сите можете да очекувате многу. Балотели е доминантен, но има тука уште многу играчи кои можат доста да направат. Тие поради резултатот од првиот меч ќе мора да го побараат патот до нашиот гол, а ние ќе пробаме да ги спречиме. Битката ќе се води на средина на теренот. Мораме да обратиме внимание на нивните брзи играчи и доколку успееме нив да ги сопреме, ќе преживееме – изјави Диего Симеоне.

Тоа ќе биде отворен натпревар, тие имаат предност од првиот меч, но ние ќе влеземе како таа да не постои. Ги гледав неколку пати оваа сезона Атлетико и знам дека се работи за добри фудбалери. Подготвени сме за тешка борба. Ние едноставно мораме да постигнеме гол, атмосферата на стадионот не нѐ загрижува, подготвени сме за таков натпревар – вели тренерот на Милан, Кларенс Сидорф.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top