Кондиторските компании од година во година сè повеќе го зголемуваат извозот на странските пазари, а на домашниот пазар полека, но сигурно ја истиснуваат конкуренцијата од странство. Тоа го покажуваат последните податоци за увоз и за извоз на кондиторски производи, како и финансиските извештаи на најголемите кондиторски компании во државата, кои минатата година ја завршија со зголемени приходи од продажба, пред сè, на странските пазари, анализира „Вечер“.
Според податоците на Стопанската комора на Македонија, во 2013 година од земјата се извезени кондиторски производи во вкупна вредност од 34,1 милиони долари, што е за 19 отсто повеќе споредено со 2012 година, кога извозот на кондиторски производи изнесуваше 28,7 милиони долари. Во исто време увозот минатата година изнесува 10,7 милиони долари и е намалување од 14 отсто споредено со 212 година. Ова покажува дека освен зголемен извоз, домашните кондитори истовремено ги истиснаа странските производители и на домашниот пазар.
Најголемите кондиторски компании во државата годината ја завршија со позитивни финансиски резултати. Зголемувањето на продажбата на домашен терен и на странските пазари, како и пласманот на нови производи минатата година резултираа со добивки кај производителите на слатки задоволства.Податоците на Здружението на производители на кондиторски производи покажува дека увозот од приближно 11.000 тони кондиторски производи и домашното производство од 11.000 тони наменето за домашниот пазар чини околу 22.000 тони годишна потрошувачка на македонскиот пазар. Заедно со отворениот странски пазар од над 500 милиони жители преку договорите за слободна трговија, укажува на голем пазарен потенцијал за развој и унапредување, односно за нови инвестиции на оваа дејност во нашата земја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.