| четврток, 6 декември 2018 |

ОДИХР со повеќе од 300 набљудувачи на претстојните избори

Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ – ОДИХР на покана од Министерството за надворешни работи со повеќе од 300 набљудувачи ќе врши мониторинг на престојните претседателски и предвремени парламентарни избори во земјава. Клучниот тим на мисијата за набљудување кој почна со работа од понеделникот е составен од 11 експерти од областа на правото, изборите, политиката, медиумите, експерти за соработка и комуникација, за финансиско работење и безбедност, а во текот на наредните денови треба да им се приклучат уште 20 долгорочни набљудувачи кои ќе бидат поделени во тимови и ќе го следат процесот ширум целата земја.

За денот на изборите мисијата од земјите членки на ОБСЕ ќе побара да испратат 300 краткорочни набљудувачи кои што ќе го набљудуваат гласањето, пребројувањето и табелирањето на гласовите во земјава, по што по осум недели од завршување на изборниот процес ОДИХР ќе излезе со финален извештај и препораки за новите власти.

-За време на нашата мисија ќе набљудуваме дали гласањето е усогласено со условите и обврските кон ОБСЕ како и со правните стандарди во земјата. Ќе издаваме прелиминарна изјава на секој ден од изборите. На крајот ОБСЕ ќе издаде завршен извештај кој ќе биде објавен по осум недели од завршувањето на изборите во кој ќе се содржат препораки до властите. Од блиску и внимателно ќе го следиме регистрирањето на кандидатите како и регистрирањето на гласачите, работата на изборните комисии, активностите на владините органи, кампањата, изборното законодавство и неговото спроведување, состојбата во медиумите. Нашата улога тука е да набљудуваме и да известуваме, а не да се мешаме. Нас не не’ интересира исходот на изборите туку не интересира гласањето, броењето и табелирањето, истакна Аренс.

Тој додаде дека по завршување на изборите мисијата ќе даде препораки, а дали ќе бидат спроведени и како ќе се користат наодите за да ги исполнат демократските стандарди зависи од властите, имајќи предвид дека тоа е обврска која што ја презема секоја земја со членството во ОБСЕ.

Аренс вели дека ќе го мониторираат и спроведувањето на измените во Изборниот законик кои се направени по нивна препорака по одржувањето на минатогодишните локални избори.
-Препораките кои претходно ги дадовме во поголем број се законски регулирани, но сега останува да видиме колку тие ќе бидат спроведени во пракса, тоа е една од многуте точки кои ќе ги надгледуваме во ова мисија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top