| четврток, 6 декември 2018 |

Шабан Трстена и Дарко Панчев на листата најдобри спортисти од просторите на поранешна Југославија

Две спортски легенди од Македонија, борачот Шабан Трстена и фудбалерот Дарко Панчев се најдоа на листата најдобри спортисти од просторите на поранешна Југославија на сите времиња.

shaban_terstena

Трстена, кој е носител на златен медал во борење слободен стил од Олимписките игри во Лос Анџелес во 1984 година и сребрена од Олимпијадата во Сеул 1988 година, го зазеде 23 место со осум поени.

Некогашната златна копачка Панчев со шест поени се најде на 25 место, од вкупно 43 рангирани спортисти.

Во анкетата, во која учествуваа 19 медиуми од поранешна СФРЈ, првото место убедливо го зазеде тенисерот од Србија Новак Ѓоковиќ со 161 поен.

На делба на второто и третото место се најдоа двајца хрватски спортисти, починатиот кошаркар Дражен Петровиќ и скијачката Јаница Костелиќ со по 125 поени.

Четвртото место му припадна на словенечкиот гимнастичар Мирослав Церар со 107 поени, а петтото на хрватскиот боксер Мате Парлов, со 95 поени.

Некогашната најдобра светска тенисерка Моника Селеш е шеста со 45 поени, седма е Јасна Шекариќ (стрелање, 44 поени), осми Драган Џаиќ (фудбал, 40 поени), деветти Леон Штукељ (гимнастика, 32 поени), а листата од први десет завршува со Веселин Вујовиќ (ракомет, 30 поени).

Анкетата ја организираше црногорското радио Тиват, а гласањето се одвивање во системот на „Евровизија“, односно од 1 до 12 поени, со тоа што најдобриот од една редакција добива 12 поени, вториот десет, третиот осум, четвртиот седум..

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top