Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска оствари работна средба со амбасадорот на Канада во Србија, Роман Вашчук, кој е надлежен и за Македонија. На средбата стана збор околу предвиденото гостување на Големиот канадски балет од Монтреал кој на 8-ми април на сцената на Македонската опера и балет пред македонската публика ќе го претстави делото „Минус еден”.
Станува збор за прво претставување на реномираниот канадски балет во нашата земја, кој има интензивна меѓународна агенда со гостување на балетски претстави и во регионов. Директор на овој врвен ансамбл е истакнатиот балетски уметник со потекло од Македонија, Градимир Панков, кој има остварено импресивна меѓународна кариера и соработка со најпознатите имиња од светските и европските танцови компании. На средбата беше констатирано дека гостувањето на овој реномиран балет во Македонија значително ќе придонесе за унапредување на културните врски меѓу двете земји.
Вашчук и Канческа-Милевска разговараа и за можноста за продлабочување на соработката во областа на културата меѓу Канада и Македонија, како и за реализација на копродукциски проекти меѓу институциите од областа на културата во двете земји
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


