
Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР ќе ги следи претстојните избори со 331 набљудувач. Тие за претседателските и за парламентарните избори ќе посветат особено внимание на спроведувањето на изборното законодавство.
Според амбасадорот Герт Хајних Аренс, кој ја предводи мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, во измените на Изборниот законик се вметнати голем дел од препораките на мисијата по одржувањето на локалните избори, но останува да се види како тие ќе се спроведат на терен.
– Голем дел од препораките се градени во законодавството. Имам примерок од Изборниот законик, и доста голем број пасуси се маркирани, што значи направени се доста голем број измени, а како тие измени ќе бидат спроведени во практика, тоа е она со што ќе се занимаваме во тек на ова набљудување затоа што спроведувањето на тие промени е подеднакво важно како и нивното воведување – истакна Аренс.
Во однос на гласањето на дијаспората, првиот човек на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во Скопје рече дека се издадени посебни согледувања и извештаи, но оти, исто така, останува да се види како тие ќе се спроведуваат во практика.
– Ние ја имаме согледано правната рамка и можеме да ги следиме административните процедури кои се поврзани со гласањето на дијаспората. Законодавната рамка внимателно ја анализиравме, а се запознаваме со тоа колкумина имаат побарано да остварат своето избирачко право во странство – изјави Аренс.
Исто така во фокусот ќе им бидат и одредени прашања поврзани со Избирачкиот список и со изборниот молк.
– ДИК е уверена дека Избирачкиот список е веродостоен. Мора да се забележи дека во земјата нема скорешен попис за да се види колкав е бројот на оние што живеат во земјата. Ние внимателно набљудуваме каква е состојбата со Избирачкиот список и колкава е довербата на граѓаните во Избирачкиот список и тоа секако деак игра улога во политичките дискусии кои што се водат. Во колкава мерка ова ќе се преточи во проблем и понатаму останува да се види, рече амбасадорот Аренс.
На денешната прва прес-конференција на ОБСЕ/ОДИХР пред претстојните избори закажани за 13 и 27 април Аренс информираше дека изборите ќе ги следат 300 набљудувачи, 11 експерти кои ќе работат во Скопје и дополнително уште 20 долгорочни кои ќе бидат распоредени низ целата земја.
Мисијата ќе ги оценува изборите во однос на усогласеноста со обврските на ОБСЕ и други меѓународни стандарди за демократски избори, како и со домашните закони, изјави амбасадорот.
Набљудувачите ќе го мониторират спроведувањето на Изборниот законик и законите поврзани со изборите, регистрирањето на кандидатите, изборната кампања, работата на изборната администрација и релевантните владини тела, медиумите и разрешувањето на изборните спорови.
Досега претставници од ОБСЕ/ОДИХР имале средби во ДИК и во МНР, а најавија и разговори со претставници на државни институции, политичките партии, со кандидатите, како и со претставници на граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународната заедница. За денот на изборите, набљудувачите ќе го следат отворањето на гласачките места, гласањето, броењето на гласачките ливчиња и табелирањето на резултатите.
На денот на претседателските избори и на денот на парламентарните избори мисијата ќе ги објави прелиминарните наоди и заклучоци. Конечниот извештај за набљудувањето на севкупниот изборен процес ќе биде објавен приближно два месеци по завршувањето на изборите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


