| четврток, 6 декември 2018 |

Треневски го претвори Заврч од анонимно клупче до кандидат за европски настап и доби отказ како награда

Шокантна одлука, на која ѝ се чудат и словенечките медиуми, донесе раководството на фудбалскиот клуб Заврч, а епилогот е отказ за тренерот Виктор Треневски. Тој веќе не е кормилар на клубот од словенечкото село со 80 регистрирани жители. Македонецот го доведе Заврч до битка за настап во европските купови иако ниту во Словенија, а не пак пошироко, речиси никој и не знаеше дека таков клуб постои и се натпреварува. Поразот од Триглав во 21. коло со 1-3, но и незадоволството на играчите од работата на Треневски, наводно била клучна за чудната одлука.

Заврч моментно е на четвртата позиција во Првата словенечка лига со 36 бода, колку што има и третопласираната Горица. Пред нив се само лидерот Марибор со 42 бода и Копер со 37 бода.

– Поразот од Триглав беше болен, но, исто така, значаен фактор при одлуката беше незадоволството на играчите од работата на Треневски. Решивме да го раскинеме договорот со тренерот бидејќи веќе в петок нѐ очекува тежок дуел со Горица – изјави директорот Марјан Прелог.

Треневски одговори во џентлментски стил, прифаќајќи ја достоинствено неверојатната одлука на челниците на Заврч.

– Ме шокираше  одлуката што ми ја соопштија на половина час по поразот од Триглав,  но го почитувам изборот на управата. Живеев за клубот 24 часа на ден, наша цел беше опстанокот, но откако освоивме 36 бода, некој почна да размислува за титула или најмалку за излез во Европа. Како и да е, јас засекогаш ќе останам фан на Заврч. Ваква фудбалска приказна се случува еднаш во десетици години и горд сум што бев дел од неа – изјави Треневски.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top