
Со синоќешниот настап во Истбурн, македонскиот пијано виртуоз со светски глас Симон Трпчески го заврши делот од својата британска турнеја на кој три вечери концертираше како солист на Лондонскиот филхармониски оркестар под палката на
диригентскиот феномен од Венецуела Илич Ривас.
Ривас (21) премиерно настапи во распродадената „Ројал фестивал хол“ во британската престолнина и стана најмладиот диригент што застанал зад пултот пред престижниот лондонски оркестар, кој гостуваше во декември 2010 година во Скопје со концерт во преполната „Метрополис арена“.
Ривес, пак, на Скопско лето 2009 на 16-годишна вораст раководеше со Младинскиот оркестар во салонот на Македонската опера и балет.
Тој за Македонската радио-телевизија изјави дека вчерашниот концерт му е најважното деби досега кое не можело да помине без учество на Симон Трпчески, бидејќи кога првпат диригирал во Европа, тоа се случило благодарение на Симон и, како што рече, на неговото големо срце подготвено да поддржи млад диригент.
– Никогаш во животот не сум се почувствувал повеќе добредојден отколку тогаш во Македонија, кога имав 16 години. Затоа и многу сакав тој да биде дел од мојата соработка со Лондонската филхармонија и од почетокот на минатата недела постојано мислам дека сонувам: овде сум и музицирам со нив. А кога ќе се свртам и го гледам Симон станувам уште посреќен. Сигурен сум дека овој концерт нема да биде само наша, туку и радост за нашите две земји Македонија и Венецуела, токму преку нашето присуство на сцената на Кралската фестивалска сала во Лондон – изјави Ривас.
И за Трпчески овој дел од неговата турнеја има посебно значење.
– Драго ми е што повторно се најдов на сцената со моите драги пријатели и наши познаници, Лондонската филхармонија и диригентот Илич Ривас, особено кој со ова деби направи голем чекор во својата кариера. Мило ми е што јас бев избран и поканет заедно да го изведеме омилениот Концерт број 1 за пијано и оркестар од Чајковски. Мислам дека неговиот талент излегува на сцената преку неговата личност – рече Трпчески, инаку миленик на лондонската публика.
Инаку, серијата настапи низ Велика Британија нашиот пијано виртуоз ја почна на 1 март со камерната вечер во „Вигмор хол“ заедно со водечката светска виолинистка, Германката Јулија Фишер и нејзиниот сонародник, виолончелистот Даниел Милер – Шот.
Британската турнеја на Трпчески в среда и четврток ќе продолжи со Симфонискиот оркестар на Борнмут, по што следната недела го очекува и дебито со Оркестарот на Националната опера од Париз, престижната Бастилја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


