| четврток, 6 декември 2018 |

Претседателските кандидати сѐ уште не поднеле кандидатура, рокот е до 13 март

Претседателски кандидати 2014

На 13 март или поточно во четврток на полноќ е последниот рок политичките партии до Државната изборна комисија (ДИК) да ги достават кандидатурите за претседателските избори закажани за 13 април. Кандидатите се веќе познати и потврдени од партиите – актуелниот претседател Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ, Илијаз Халими од ДПА, Зоран Поповски од ГРОМ и Стево Пендаровски од СДСМ. Македонската информативна агенција јави дека во ДИК досега нема поднесено ниту една од кандидатурите од страна на политичките партии.

Ждрепката за утврдување на листата на кандидати за претседател ДИК ќе да ја одржи во понеделник на 17 март. Еден ден подоцна листата треба да биде објавена во „Службен весник на Република Македонија“. ДИК веднаш по приемот или најдоцна во рок од 48 часа на листата на кандидат утврдува дали таа е поднесена во утврдениот рок и составена во согласност со одредбите на Изборниот законик. Доколку ДИК утврди дека во листата има одредени неправилности, го повикува овластениот подносител, да ги отстрани во рок од 48 часа. Според Роковникот за изборни дејствија за претседателските избори, ако пак листата е ненавремено поднесена и не се отстранети неправилностите во рокот утврден во Изборниот законик, ДИК поднесената листа ќе ја отфрли со решение во рок од 24 часа од приемот на листите.

До четврток, исто така, ДИК треба да ги објави и описите на изборните единици утврдени со Изборниот законик.

Најдоцна до 13 март ДИК треба да донесе решение за утврдување на промената на описот на избирачкото место. Промената на описот на избирачкото место се врши при промена на имињата на улиците, куќните броеви и доколку се зголемува бројот на избирачи или просторната одалеченост за опеределено избирачко место. Општинските изборни комисии најдоцна до 28 март ќе ги објави на видно место описите на избирачките места.

Оваа година првпат има промена на бројот на избирачките места во земјата за 504, така што нивниот број сега ќе изнесува 3.480 место 2.976. Промената произлегува од членот 165 од измените и дополнувањата на Изборниот законик со кој се предвидува бројот на гласачи на избирачкото место да не може да биде поголем од 1.000.

На 7 март заврши увидот во Избирачкиот список, кој ДИК до 12 март треба да им го достави на политичките партии. Политичките партии во рок од пет дена од денот на приемот на ИС до ДИК доставуваат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци. По ова барање ДИК треба да донесе решение во рок од три дена, а доколку партијата не е задоволна од него може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа по приемот на решението. По тужбата Управниот суд е должен да одлучи во рок 24 часа. ДИК го заклучува Избирачкиот список за претседателските избори најдоцна до 22 март.

За предвремени парламентарни избори, кои ќе се одржат на вториот круг од претседателските избори, тече рокот за увид во Избирачкиот список и за пријавување на дијаспората за гласање или за запишување, дополнување или бришење на податоците од ИС. Овој рок истекува на 30 март.

Кампањата за претседателските избори почнува на 24 март, додека за предвремените парламентарни избори на 5 април. Молк ќе има на 12 и на 13 март, пред првиот круг од претседателските избори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top