Само неколку часа откако преку „Радио Слободна Европа“ на македонски јазик еден од највлијателните членови на ДУИ изјави дека нема да има криза по изборот на претседателот Иванов, се јави лидерот Ахмети и го најави токму спротивното.
За разлика од вицепремиерот за спроведување на Охридскиот договор Муса Џафери, кој рече дека граѓаните се тие што ќе го кажат последниот збор за тоа кој ќе ја води државата во наредните пет години и тоа нема да предизвика нова криза, лидерот Ахмети мисли поинаку.
За време на своето обраќање на Младинскиот форум на ДУИ, Али Ахмети сосема спротивно на пораките од Џафери , изјави дека ако не се избере консензуален претседател, на кој и да биде избран за претседател на Македонија ќе му ја спорат легитимноста“.
Со оглед на тоа што спорење на легитимноста на легитимно избран претседател е еден од најлесните начини да се дојде до криза во владејачката коалиција и воопшто на политичката сцена каде што ДУИ е еден од најсериозните фактори, очигледно е дека во партијата на Ахмети има голем расчекор околу иднината на политичкото дејствување.
Доколку не се работи за случајна лоша координација меѓу двајцата највлијателни луѓе во ДУИ, тогаш не се исклучува дека во партијата пред предвремените избори кулминнира судирот меѓу двете најсилни крила.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.