Охридските кајчиња ќе добијат идентификациски плочки со кои полесно може да се докаже сопственоста. Според првиот капетан на Капетанија на пристаништа на Република Македонија, Горан Устијаноски, новиот Правилник за пловни објекти ќе овозможи поголема безбедност во пловењето, а идентификациските таблички ќе се доделуваат бесплатно.
– Не станува збор за регистарски таблички.Секој пловен објект треба да има таква плоча. Ако е фабрички изграден, тој ќе ја има таа идентификациска плочка. Ако е самограден како што се охридските кајчиња, при техничкиот преглед, Капетанијата на пристаништа бесплатно доделува таква плочка. Чамецот ќе си добие свое име и презиме и единствен жиг којшто ќе ја заштитува таа плочка од разни девијатнтни однесувања во смисла на фалсификати и слично, вели Устијаноски за Супер радио Охрид
Како што додава тој, ова ќе ја олесни работата при определени кражби, а многу полесно ќе се идентификува и пловен објект кој е предмет на надзор од страна на инспекциски служби од страна Капетанијата.
– Определувањето на пловните објекти по димензија е релативна работа. Можат да се појават два чамци со исти димензии и исти карактеристики. Порано еден ист мајстор правеше повеќе чамци со димензии до милиметар исти, така што тешко ќе се докажува сопственоста, вели Устијаноски.
Новиот Правилник за пловидба како што велат во Охридската капетанија, ги содржи европските стандарди за безбедна пловидба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.