
Обама со здравица го дочека Оланд во САД на 11 февруари 2014
Претседателите на Франција и на САД Франсоа Оланд и Барак Обама, телефонски разговорале за ситуацијата во Украина. Според Елисејската палата, двајцата лидери оцениле дека Русија треба набрзо да прифати создавање на контактна група која ќе дозволи започнување дијалог меѓу Киев и Москва, за да се најде мирно решение за кризата и целосно враќање на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Обама и Оланд потсетиле на отсуството на легална основа за планот за референдум, кој е закажан да се одржи на Крим на 16 март, како и на потребата Русија да ги повлече своите сили испратени на полуостровот од крајот на февруари и да дозволи влез на меѓународни набљудувачи.
Двајцата претседатели потенцирале дека „во отсуство на напредок во оваа насока, ќе бидат преземени нови мерки кои чувствително ќе ги погодат односите меѓу меѓународната заедница и Русија, што не е во ничиј интерес“.
Обама и Оланд се договориле, меѓу другото, да продолжат со нивната поддршка на новите украински власти, како и подготовка под меѓународна контрола и најголема транспарентност за претседателските избори на 25 мај.
Францускиот и американскиот претседател на крајот истакнале дека „е важно да продолжи актуелната координација меѓу позицијата на ЕУ и САД“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


