| четврток, 6 декември 2018 |

Емир Кустурица: Ако Путин е Хитлер, тогаш мајмунот настанал од човекот

Српскиот режисер Емир Кустурица ја критикуваше изјавата на Хилари Клинтон која рускиот претседател Владимир Путин поради акцијата во Украина го спореди со Хитлер, истакнувајќи дека тоа не е толку безначајно колку што изгледа, пишува тој во својата колумна во „Политика“.

– Да се нарече Путин фашист поради интервенцијата во Украина, а притоа да се биде еден од творците на војните во Романија, Ирак, на Косово и Метохија, во Авганистан, Либија, Осетија, не е наивно – пишува Кустурица во колумната во еден од најстарите весници на Балканот.

Тој истакнал дека Путин своите потези ги оправдува со стравот на својот народ од „бандеровците“, наследниците на украинските фашисти, „изведувачите на работите на Втората украинска револуција“.

Кустурица потсетил дека Европа од нацизмот не ја ослободиле Американците и дека во војната против Хитлер животите ги изгубиле 20 милиони Руси.

– Нема врска што оние што ги обвинуваш изгубиле 20 милиони луѓе против Хитлер. А потоа чуварот на таа традиција фино го нарекуваш Хитлер, а вистинските фашисти ги амнестираш од вината. Вистината не е кул, но што да правиме. Но, ако се согласиме на тоа, како ќе реагираме ако наскоро се појави теза, да кажеме, дека мајмунот настанал од човекот. Како што во моментов стојат работите, не е невозможно и тоа да се случи – потенцира Кустурица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top