| четврток, 6 декември 2018 |

Заврши пријавувањето на дијаспората за претседателските избори

Вчера заврши рокот за пријавување на македонските граѓани кои живеат во странство за претседателските избори. Од македонските конзулати во САД информираат дека, според добиените инструкции, граѓаните кои досега се пријавија за
гласање на претседателските избори и кои добиле потврда дека се внесени во избирачкиот список, автоматски ќе бидат запишани за гласање и за предвремените парламентарни избори. Дополнително, во рок до 30 март граѓаните во дијаспората кои досега не се пријавиле, ќе можат да го сторат тоа, но само за гласање на предвремените парламентарни избори.

– Пријавувањето за претседателските избори заврши. За да ја олесниме целата процедура, тие кои се пријавија за претседателските избори, автоматски се регистрирани и за парламентарните избори – вели Елена Зарковска, генерален конзул во Детроит, каде е една од поголемите македонски заедници надвор од матичната држава.

Таа вели дека пријавувањето во Детроит течело солидно, и има пријавени гласачи не само од Детроит и државата Мичиген, туку и од соседниот канадски град Виндзор, како и од Охајо.

Драган Ѓурчевски, генералниот конзул на Македонија во Торонто, информира дека во неговата единица има досега пријавени околу 500 гласачи.

Според Ѓурчевски, главната пречка со која се соочиле гласачите е тоа што за разлика од изборите во 2011 година кога гласачите се пријавуваа со сите важечки документи кои ги имаат, овојпат пријавувањето е можно само со биометриски документи.

– Досегашното пријавување течеше слично како во 2011 година. Граѓаните бараат да се овозможи гласање и во нивните заедници, а не само во конзулатот. Некои од нив живеат во пошироката област на Торонто, и мора да патуваат по 50 километри на денот на гласање. Едно од барањата за во иднина е да се овозможи и електронско гласање, според начинот на кој тоа го прават некои од другите етнички заедници во Канада – вели Ѓурчевски.

Првиот круг на претседателските избори ќе се одржи на 12 април, еден ден пред гласањето во Македонија. Предвремените парламетарни избори и евентуалниот втор круг на претседателските избори ќе се одржи на 26 април, повторно еден ден пред гласањето во Македонија.

Државната изборна комисија на својата интернет страница вчера веќе го објави образецот 30 ГС кој е потребен за пријавување за гласање на предвремените парламентарни избори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top