Доаѓаат избори, но во Македонија како ништо да не се случува. Нема реклами на ТВ, нема рекламни паноа со насмеани лица, лепачи на плакати кои се тепаат за секоја бандера, нема комшии што те прашуваат за кого ќе гласаш. Изборите станале виртуелни. „Фејсбук“ е преполн со коментари, „ми се допаѓа“, видеа…, серверите пукаат. Кој не сака, не мора да гледа, чита или слуша.
Ова не е извештај од блиските претседателски избори, туку своевиден запис од иднината. Зар не би било добро кога сѐ би се случувало на големата социјална мрежа? Да можете да набљудувате што се случува од вашиот компјутер, кога сакате и како сакате, или, пак, да ги прашате кандидатите кога мислат да ви ја поправат улицата.
Теоретски, вака би изгледале избори во Македонија што се водат на „Фејсбук“, онака како што би сакала да ги добие професорката Билјана Ванковска. Но, дали е можно тоа? Колку виртуелната реалност има допирни точки со стварноста? Или, дали може да се случат во Македонија избори на „Фејсбук“ по познатиот пример на Барак Обама кога првпат беше избран за претседател на САД во 2008 година?
Сите го користат, никој нема стратегија?
Во Македонија никој не прави стратегија за користење на социјалните мрежи иако, според искусните социјални менаџери (така се нарекуваат стручњаците за користење на социјалните мрежи во маркетиншки цели, работа која во светот е мошне добро платена), нема резултати без добро владеење на оваа проблематика. Во Македонија никој не ги користи ни апликациите за гласање што ги создаде „Фејсбук“, како „мај воут“ или „ај воут“. Политичарите имаат свои профили и засега се шпекулира дека плаќаат на разноразни групи на „Фејсбук“ со голем број „ми се допаѓа“ за објавување нивни објави. Ова се прави за да се зголеми бројот на допаѓања. Но, тоа не е стратегија, туку, политички кажано, купување гласови. Како и интернетските медиуми, и политичарите нема да постигнат ништо со ова „купување гласови“ бидејќи „Фејсбук“ пред два месеца го ограничи опсегот на читаност без разлика колкумина кликнале на иконата „ми се допаѓа“.
Стратегија не прават ни фирмите за анкетирање, како Институтот за политички истражувања – Скопје. Барем така вели Владимир Божиновски, координатор на овој институт.
Виртуелна илузија
Ако се погледнат профилите на политичарите на „Фејсбук“, се добива впечаток дека бројот на поддржувачи одговара на нивниот политички рејтинг. Секако, прв е премиерот Никола Груевски, кој неодамна прослави 120.000 „ми се допаѓа“. Овој податокот е интересен ако се земе предвид дека ВМРО-ДПМНЕ има 160.000 членови. Но, проблемот со интернетските поддржувачи е во тоа што „ми се допаѓа“ не значи и вистинско поддржување, туку може да биде само желба на некој корисник да добива информации за некој политичар на својот ѕид. Така што не би било чудно меѓу тие што кликнале кај Груевски „ми се допаѓа“ да има членови и симпатизери на СДСМ и на други партии на опозицијата. Ова истото важи и за Зоран Заев, претседател на СДСМ, кој има двојно помалку „ми се допаѓа“ од Груевски. Единствена предност на Заев е што на неговиот профил има повеќе коментари (12.000) во однос на Груевски (10.000). Но, особено е чуден податокот што бројот на тие што им се допаѓа е сличен со бројот на членови на СДСМ. Најголемата опозициска партија тврди дека има 60.000 члена, но многумина ја оспоруваат таа бројка, реалната е дека СДСМ има околу 40.000 члена. Дали СДСМ има повеќе симпатизери од членови или членството на ВМРО-ДПМНЕ ептен сака да следи сѐ за нивниот најголем политички противник? Ова е една од многуте информации што лесно можат да го збунат набљудувачот на политичката битка што се води на интернет.
Тоа што е заедничко и на двете страни е што никој официјално не одговара на прашањата до овие политичари. Би се рекло дека нивните страници постојат само поради мода.
Како социјалните мрежи ја сменија светската политика
Во светот приказната е сосема друга. Социјалните мрежи прописно го сменија политичкото однесување. Како прво, пристапот до политичарите е многу полесен. Наместо гласачите да гледаат телевизија, тие секогаш можат да се вклучат на мрежата и да ги видат сите информации за кандидатите. Тие, воедно, можат директно да комуницираат со нив, постојат посебни тимови на нивни советници што одговараат на сите прашања на гласачите. Во никој случај нема блокирање на корисниците, нешто што сега како бумеранг ѝ се враќа на професорката Ванковска. Таа сега е предмет на шеги на социјалната мрежа бидејќи имаше практика да блокира голем дел од нејзините пријатели на „Фејсбук“ од различни причини. Втората голема промена која му се припишува на „Фејсбук“ е полесното градење стратегија за изборите. Политичките стратези добиваат моментална реакција на програмата на политичарот користејќи апликации како што е „Виздом“. Оваа апликација не дозволува едни исти корисници да го градат јавното мислење на „Фејсбук“, како што е случај во Македонија, каде што политичките партии ангажираат поединци постојано да коментираат на интернет, терајќи ја дискусијата кон „воденицата“ на партијата. Третиот момент е изместувањето на позицијата на класичните медиуми, кои сега повеќе известуваат за тоа што се случува на големата мрежа. Политичарите, наместо да даваат изјави за нив, својот став го објавуваат на социјалните мрежи. Тоа ги тера класичните медиуми да известуваат за трендовите наместо да трагаат по нови приказни и прави известувањето од изборите да има т.н. рефлективен карактер. Четвртата промена е во зголеменото учество на младите во политичките кампањи. Тоа особено го покажуваат бројките во САД, каде што учеството на младите гласачи е тројно зголемено. Петтата голема промена, која понекогаш се случува и кај нас, е организирањето протести. Во светот ова го почна групата наречена „Еден милион гласови против ФАРК“ од Колумбија. Резултатот беше стотици илјади протестанти на улица. Деновиве БиХ, Црна Гора и Хрватска „вријат“ од протести организирани преку „Фејсбук“.
„Фејсбук“ беше главното оружје на Арапската пролет, која доведе до пад на неколку режими во северна Африка и на Блискиот Исток и поставување нови на нивно место. Последната голема промена е нејасна. „Фејсбук“ се фали дека го промовира мирот во светот преку поврзувањето на луѓето од различни раси и религии.
Од наведеното јасно можеме да видиме дека социјалните мрежи сѐ уште ни приближно не се користат во македонската политика, како што е случај во светот. Заостануваме, како, впрочем, и за повеќето други работи.
(Пишува: Александар Божиновски
Текст објавен во 78. број на неделникот „Република“, 28.02.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.