Премиерот на првата независна влада во Република Македонија, Никола Кљусев, поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, Доста Димовска, пратеникот Александар Флоровски, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Змејковски, поранешниот претседател на Собранието, Љубиша Георгиевски, владиката Петар се само дел од имињата кои биле жртви на наредбите за следење кои во периодот до 1998 година ги давале Љубомир Фрчковски и Томислав Чокревски. На повеќе од илјада страници директорот на Државниот архив, Зоран Тодоровски, го презентираше досието „Темел“ водено за ВМРО-ДПМНЕ. Во досието кое во 1995 година го отворил Фрчковски, а го продолжиле неговите наследници, од утро до вечер биле следени научници, уметници, културни работници, свештени лица и политичари, кои во средината на деведесеттите години влегувале и излегувале од централата на ВМРО-ДПМНЕ.
Во 2001 година партијата преку тогашниот пратеник Филип Петровски, користејќи ја законската можност, побарала да се изврши увид дали за нивните членови и симпатизери се водела евиденција од тајните служби. По позитивниот одговор, ВМРО-ДПМНЕ материјалите од досието ги доставило во Собранието на расправа на собраниската Комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот. И оттогаш се губи секаков траг на „Темел“. Денес ги нема во собраниската архива. Ги нема ни во Државниот архив, каде што се чуваат сите минати документи од државните органи.
Се претпоставува дека досието водено за ВМРО-ДПМНЕ исчезнало пред десетина години во периодот од 2002 до 2006 година. До ден-денес никој не знае што се случило со документите. Според директорот на Државниот архив, Зоран Тодоровски, тоа што документите исчезнале, и од Собранието и од Државниот архив, значи дека директно од Кабинетот на тогашниот министер Љубомир Фрчковски се издавале наредби за следење.
– Го фотографираа и го запишуваа секој којшто влегува и излегува. Не се работи само за членови, туку се следени сите, културни работници, политичари. Кај нас досиејата не се водеа само до 1991 година, значи од страна на тогашната еднопартиска комунистичка власт, тие досиеја продолжија да се водат и по 1991 година во една демократска, самостојна и независна Република Македонија. Докази за водењето на таквите досиеја имаме многу во Државниот архив. Има такви прекршувања на слободите и правата не само на граѓаните, туку и на легално пројавените партии во Република Македонија – рече Тодоровски.
Досието „Темел“ од приватна архива го има само поранешниот пратеник Филип Петровски, кој, исто така, бил жртва на тогашните методи за политичките неистомисленици. Според неговите документи, партијата е следена 24 часа и е бележана буквално секоја нејзина активност и секој којшто влегувал во нејзиното седиште.
Извор: Вечер
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.