| четврток, 6 декември 2018 |

Сабу: Сакаме да ја видиме Македонија во ЕУ што е можно поскоро

sabu-500Европската народна партија (ЕПП) овие два дена во Даблин ќе избира претседател на ЕПП и нивен кандидат за претседател на претстојните избори во ЕУ.

Во делегацијата која ја предводи премиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој на конгресот ќе има свое обраќање, се и членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Протоѓер, Влатко Ѓорчев и Никола Попоски, како делегати кои имаат право на глас во овој конгрес.

– Конгресот на ЕП кој се одржува во Даблин е главно фокусиран околу три теми. Првата е изборот на претседателот на Европската народна партија кој ќе се одвива во текот на денешниот ден. Втората тема се однесува на подготовките на изборите за Европскиот парламент кои претстојат во мај и политиките кои ќе бидат во фокусот на тие избори и секако за нас значајниот момент за остварување на контакти со колеги од повеќе земји членки на ЕУ и дискусиите кои се водат околу реализацијата на политиките на европските партии и колку во таа реализација процесот на проширување ќе биде значаен – изјави Никола Попоски.

Влатко Ѓорчев посочи дека Европската народна партија е најголема политичка групација во Европа.

– Тука се присутни повеќе од 800 делегати и 2.000 гости, 12 премиери на земји членки на ЕУ, четири премиери на земји коишто не се членки на ЕУ. Сите тие треба да изберат претседател на Европската народна партија, како и кандидат за претседател на ЕК за следните европски избори – нагласи Ѓорчев.

Директорот на Институтот Шуман, Конга Сабу, прецизира дека Институтот е одговорен за политичката едукација на членовите на политичките партии кои се дел или не се дел од ЕУ.

– Ние работиме со ВМРО-ДПМНЕ едуцирајќи ја новата генерација во партијата. Сакаме да ја видиме Македонија во ЕУ што е можно поскоро – нагласи Сабу.

Делегатот Михаил Шнајдер посочи дека Конгресот во Даблин е многу важен.

– Избираме наш кандидат за изборите во мај во Европскиот парламент. Ние кои сме дел од делегатите на овој Конгрес сме многу среќни што учествуваме затоа што политичарите од ЕПП имаат клучна улога на локално и регионално ниво во ЕУ – рече Шнајдер.

Конгресот претставува подготовка и е вовед во изборите за Европскиот парламент што ќе се одржат од 22-25 мај, настан кој ќе ја одбележи оваа 2014 година во ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top