| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Нема толеранција за манипулациите на Гркот Бранко

Јас не знам дали човекот може да ги вози, да ги шиша како овци неговите партнери, меѓутоа најверојатно во минатото такви работи со некој му успевале. Јас од тука ќе им порачам дека ни утре, ни задутре, ни во сабота, ни во недела, ни во понеделник. Договор за предвремени избори со Бранко нема да има

-Во Скопје до скоро најпознат Грк беше Гркот Зорба, а сега најпознат станува Гркот Бранко, зошто нема кој повеќе да одработи за Грците во сиот овој изминат период, отколку што самиот тој – порача пред охриѓани премиерот Никола Груевски, за време на промоцијата на Никола Бакрачески за кандидат за градоначалник на Охрид од редовите на владејачката партија.

Вели ваква помош на Грците досега никој не им пружил.
-Знаете дека четири години веќе имаме целосна поддршка за започнување на преговорите за полноправно членство, тоа го кажаа сите земји, единствената пречка беше Грција поради уцената да се смени името. Тие успеваат да ја одлагаат точката за Македонија и сега кога сите веруваат дека Грција тоа не може понатака да го турка како што досега го туркаше, кога сите наши пријатели рекоа сега е вистинската шанса, немаат веќе простор да манипулираат, тоа се коментари на премиери, претседатели. Сега кога Грција не може да ја истурка својата агенда, настапува Бранко – додаде Груевски.

Премиерот смета дека Црвенковски одработува во вистинско време за земјава да добие негативен извештај бидејќи ако нема опозиција, политичкиот критериум, како основен критериум, не може да биде позитивен. Ако нема позитивен извештај, како што нагласи Груевски, ЕК не може да побара од Европскиот совет на Македонија да и се даде датум за почеток на преговорите.

На охриѓани им порача дека е важно е на 24-ти март да се излезе масовно и да се покаже дека во оваа држава нема веќе толеранција за манипулациите на, како што Груевски рече, Гркот Бранко и дека овој народ не ги поддржува неговите срамни политики што го води.

– А зошто е тоа така, заради кејфот на Бранко, затоа што Бранко сака да одработи за Грците и да ја спаси својата политичка кариера со бегство од изборите, затоа што сака да создава хаос. Слушам дека и деновиве и денеска кажуваат неговите коалициони партнери, се уште си ги лаже, се уште си ги „вози“. Ги собрал денеска и им кажал не се секирајте, утре меѓународната заедница ќе го притисне Груевски и ВМРО ДПМНЕ и утре ќе сме кажале ќе има предвремени избори, прифаќаме. Јас не знам дали човекот може да ги вози, да ги шиша како овци неговите партнери, меѓутоа најверојатно во минатото такви работи со некој му успевале. Јас од тука ќе им порачам дека ни утре, ни задутре, ни во сабота, ни во недела, ни во понеделник. Договор за предвремени избори со Бранко нема да има, категоричен беше Груевски.

Тој потенцираше дека доколку СДСМ се одлучи да излезе на избори тоа е одлично и се добродојдени.

– Ако решат да не излезат нека им е со среќа, нека си го следат Бранко, да видиме до каде ќе ги однесе. Македонија имала и поголеми штетници, сме ги преживеале, ќе го преживееме и него. Овој народ ќе најде и сила и енергија и начин како да се прави со вакви луѓе каков што е Гркот Бранко, рече Груевски.

Груевски потенцираше дека во изминатиот период барале начини да се понудат компромиси, но нагласи дека проблемот на Црвенковски е друг.

-Тој ќе се соочи со својот пораз, како ли ќе објасни, повторно ли ќе зборува дека имаме диктатури, дека имаме неслобода, кога се гледа дека не е така. Се гледа дека не диктатури, туку ние правиме проекти, водоводи, објекти, улици, канализациони системи, ние решеваме проблеми, ние се занимаваме со тоа и народот гледа, рече Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top