| четврток, 6 декември 2018 |

Бонева: Ние сакаме да успеат претседателските избори, тие не сакаат

sobranie-na-rm-640x360

– Народот знае да препознае што е вистината, а што е обидот на опозицијата да направи граѓаните да се сомневаат дали пред се да го гледаат новиот стадион, училишта, патишта. Опозицијата сака да ги убеди сите дека проектите не постојат, туку дека се е лошо и погрешно и народот не знае да препознае – посочи пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, на денешната собраниска седница на која се расправаше за распуштање на парламентот.

Вели, нејасен е стравот на опозицијата од одржување на избори, зошто ако проектите непостојат граѓаните нема да ги гледаат и ќе не казнат. Неприфатлив е и стравот на ДУИ од претседателските избори:

– Ставот кој го има ДУИ за претседателските избори за нас се неприфатливи. Барањата на ДУИ за консензуален претседател на Република Македонија, ние во ниту еден момент не ги доживеавме како искрени и добронамерни посебно заради начинот на кој беа пласирани и за нив дознаваме преку медиумите. Секогаш знаевме дека зад таа политика има други позиции. Она што ДУИ го бараше да има консензуален кандидат за да не го добие стана вистина по неколкуте изјави на видни и значајни членови на оваа партија низ медиумите во последните неколку недели.  Прокламираната цел на ДУИ за неуспех на следните претседателски избори за нас е неприфатлива. Мора да се почитуваат институциите.

Бонева нагласи дека креирање на неискрени стратегии не е стил на работа на ВМРО-ДПМНЕ.

–  Слушам овие денови една низа на остри критики кои доаѓаат кон нас од страна на опозицијата. Обвинуваат дека ова било фарса. Одржувањето на избори и гласањето на граѓаните никогаш не може да биде фарса. Таква навреда може да искажат само политичари кои мислат дека политиката се широките  кабинети  и тесните колуари. Политичари кои не мислат дека тие неколку во врвот на нивната партија одлучуваат во име на сите граѓани. Таква навреда може да смислат политичари кои за своите неуспеси ги обвинуваат грѓаните. Демократијата се избори, а изборите не се фарса. Тоа покажува сериозен нивни страв од соочување со народот , но и отсутност од реалноста и ароганција.

Пратеничката од владејачката партија посочува дека се јасни обидите на СДСМ преку средби на нивни високи функционери со раководството на ДУИ,  да издејствуваат неодржување на овие избори.

– Дали знаете дека функционери од вашата партија ве исмеваа и правеа вицеви за вашиот недостоинствен однос кон ДУИ и понудите кои сте ги давале за поддршка на Пендаровски. СДСМ треба да разбере дека со сите математики и манипулации не се добиваат избори. Ниту една математика  не може да ги доведе на власт се додека не напишат програма, се додека им е тешко да сработат нешто, додека не излезат од стратегиите на луѓето од транзицијата, рече Бонева и додаде:

– Во овој момент ние и ДУИ имаме спротивставен став по клучното прашање на државата. Ние сакаме да успеат претседателските избори, тие не сакаат. Ние сакаме Претседателот на државата да се бира од сите граѓани, нивната крајна цел е да се бира во Собранието, а дали ќе успеат ќе кажат граѓаните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top