| четврток, 6 декември 2018 |

Хет-трикот на Рудневс против Јувентус, предупредување за македонските репрезентативци (видео)

Напаѓачот на германскиот Бундеслигаш Хановер, Артјомс Рудневс ќе биде главната закана за македонската фудбалска репрезентација на вечерашниот пријателски меч против Летонија на националната арена „Филип Втори“ во Скопје. Рудневс веројатно ќе го предводи нападот на селекцијата, чиј кормилар е познатиот Маријанс Пахарс, а голгетерот на Хановер го паметиме по хет-трикот што му го даде на Јувентус пред две сезони во Европа Лигата на УЕФА.

Тогаш Рудневс речиси сам го одведе Лех во следната фаза, откако ги постигна сите 3 гола во Торино во ремито 3-3.

И во Полска беше нерешено, 1-1, а Лех се пласираше понатаму, според правилото „повеќе постигнати голови на гости“. Особено убав беше последниот погодок на Артјомс во 90 минута, кога со проектил од далечина ја симна пајажината од мрежата на голот на Јувентус.

Тогаш не бранеше Џиџи Буфон, туку на голот на „старата дама“ беше Алекс Манингер. Летонците имаат уште неколку интернационалци во составот, а во Скопје допатуваа фудбалери што играат во Англија, Швајцарија, Чешка, Полска, Шкотска, Русија… Сепак Рудневс е најпознатото име и ќе биде главен адут на Летонците за евентуален успех против Македонија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top