| четврток, 6 декември 2018 |

Полнолетниот Македонец пие по два литра вино годишно

Во 2011 година македонските граѓани на возраст над 18 години просечно испиле по два литри вино и 900 милилитри ракија

Македонците се препознатливи по уживање во доброто вино или ракија. Во 2011 година македонските граѓани на возраст над 18 години просечно испиле по два литри вино и 900 милилитри ракија, покажа македонската статистика.
Во Македонија, во периодот 2009-2011 година, површините под винова лоза се во благ пораст. Во 2009 година винова лоза била засадена на површина од 19960 хектари, во 2010 година на површина од 20 033 хектари, а во 2011 година на површина од 20 164 хектари.
Производството на вино во 2012 година изнесуваше 780 769 хектолитри вино на точење и 159019 хектолитри вино во шишиња. Интересно е што во последниве години трендот на производство на вино во шишиња е во пораст и се движи од 149 372 хектолитри во 2010 година, до 159 019 хектолитри во 2012 година. Според податоците од Статистичкиот деловен регистар, во Република Македонија работат 81 винарија, лоцирани претежно во Скопје, Кавадарци и Неготино.
Во 2012 година Република Македонија извезе 16 552 139 литри вино во шишиња во вредност од 16 877 350 евра и 98 608 953 литри наливно вино во вредност од 38 348 430 евра.
Во 2011 година, прометот на вино од свежо грозје во трговијата на мало учествува со 15.2 % во вкупниот промет на алкохолни пијалаци и изнесува 246 889 илјади денари, додека прометот на природна ракија во вкупниот промет на алкохолни пијалаци учествува со 12.4 отсто и изнесува 200 595 илјади денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top