| четврток, 6 декември 2018 |

Над 60 илјади граѓани се потпишаа за претседателот Иванов

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за шеф на државата, актуелниот претседател Ѓорге Иванов, за ден и половина собрал 63.253 потписи со поддршка од граѓаните.

Иако на Иванов му беа потребни само 10.000 потписи, тој обезбеди досега најголема поддршка кај граѓаните од кој било кандидат што досега барал ваков вид поддршка за претседателската функција.

Акцијата за собирање потписи почна по конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ што се одржа во саботата кога Ѓорге Иванов собра најголем број гласови и од партиските делегати и убедливо со 90 проценти од сите гласови победи пред Јове Кекеновски, Ставре Џиков и Божидар Ночев.

На претходните избори за претседател за Ѓорге Иванов, покрај 30 пратеници од ВМРО- ДПМНЕ, се потпишале и 18.000 граѓани, а на изборите во 2004 година, тогашниот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Сашко Кедев, покрај поддршката од 30 пратеници, ги собра и потребните 10.000 потписи од граѓаните.

Опозициската СДСМ својот кандидат за претседател Стево Пендаровски го избра на крајно нетранспарентен начин, без при тоа да се соопштат имињата и на другите номинирани од општинските организации.

Дека СДСМ стравува за исходот од дуелот на нивниот кандидат со кандидатот на ВМРО ДПМНЕ говори и фактот што тие овој пат се решија кандидатурата на Пендаровски да ја поднесат по полесниот пат – со собирање потписи од 30 пратеници.

На минатите претседателски избори, кога СДСМ собираше потписи за нивниот кандидат Љубомир Фрчкоски, тој обезбеди поддршка од околу 13.000 граѓани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top