| четврток, 6 декември 2018 |

Путин: Во Украина е извршен неуставен државен удар

putin

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека во Украина е извршен неуставен државен удар и вооружено преземање на власта, кое никој не го оспорил.

Путин на првата прес-конференција откако украинскиот претседател го напушти Киев рече дека Виктор Јанукович ги исполнил сите услови од договорот потпишан на 21 февруари со претставници на опозицијата и дека ја предал власта.

– Јанукович и натаму е легитимен претседател на Украина иако сега нема власт – нагласи Путин.

– Украинскиот народ можеби сакал промени, но не смеат да се охрабруваат незаконски промени – истакна Путин и додаде дека се надева оти нема да мора да употреби сила во Украина.

Рускиот претседател потсети дека војните во Авганистан, Ирак и во Либија биле, на пример, незаконски со оглед на резолуциите на Советот за безбедност на ОН. Тој рече дека и руските војници не испукале ниту еден куршум на Крим.

– Сите акции што Русија ги презеде имаа хуманитарен карактер – нагласи Путин.

Коментирајќи ги заканите на САД и на ЕУ со санкции кон Русија, тој рече дека последиците од тоа ќе бидат мултилатерални. Путин, исто така, рече дека не се обидува украинскиот регион Крим да го припои кон Русија.

– Не ме загрижува дека ќе избие војна, ние нема да ја нападнеме Украина – рече Путин. Тој додаде дека Јанукович ја повикал Русија да употреби сила за одбрана на Украинците, но Москва сметала дека воено ангажирање е можно само во „исклучителни“ случаи.

Вооружените групи кои ја презедоа власта во Крим се локални сили за самоодбрана, а не руски војници. Русија нема да провоцира сепаратистички акции на полуостровот, нагласи шефот на руската држава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top