| четврток, 6 декември 2018 |

Се тенчи буџетот на Хамбург, растат шансите на Вардар

Финансиска криза го тресе и европскиот ракометен првак Хамбург, а веќе има редукција на платите и заминување на ракометари што не се неопходни во тимот. За следната сеазона е најавено кратење на буџетот за околу еден и пол милиони евра, Домагој Дувњак одамна потпиша за Кил, сега си замина и голманот Клеверли, што потврдува дека следниот противник на Вардар во Лигата на шампионите е во криза.

Колку тоа ќе се одрази на двомечот со македонскиот шампион, ќе се знае по дуелите закажани во осминафиналето на ЛШ, на 22 март во Скопје и една седмица подоцна во Хамбург.

Засега веќе е познато дека најдобриот ракометар на светот за 2013 година, Дувњак, веќе потпиша со Кил и од идната сезона нема да биде член на Хамбург. Данецот Клеверли потпиша тригодишен договор со Колдинг, што ќе важи од идната година, а европскиот првак го напуштаат и Доминиковиќ, Флор, Јансен, Лацковиќ, Шредер…

Сепак и во ваква ситуација Хамбург го освои првото место во својата група во претходната фаза и е фаворит во двомечот со Вардар. Секако не толку изразит како што се чинеше при ждрепката за осминафиналето. Завчерашното реми, 26-26 против Балинген (се бори за опстанок) во меч од германското првенство, потврдува дека има криза во Хамбург, а на ракометарите на Вардар останува да го искористат моментот и да се обидат да го урнат фаворитот во осминафиналето од ЛШ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top