Нашата џезерска сцена може да се пофали со квалитетни и едуцирани музичари, кои соработуваат меѓу себе. Како резултат на тоа, сведоци сме на интересни и креативни комбинации, како на музчики, така и на клупски план. Тој несомнен квалитет привлекува и други музичари од регионот, но и пошироко.
Култниот клуб „Порта џез“ во Битола викендов уште еднаш покажа дека со многу упорност и љубов може да се постигне многу. Влатко Христивски-Дадо и Игор Божиновски се главните „виновници“ за тоа што се случуваше таму. Во една вечер на сцената се најдоа Тони Китановски трио, Оскар Салас, Дејв Вилсон, а малку подоцна и иконата на џез-сцената Оливер Белопета… Почна првиот „Порта џез-фестивал“.
Сместен во стара куќа, од неодамна реновирана, но со помош на интересни ретродетали како стари шишиња за вино, ламби и друго интересни детали,„Порта џез“ доби автентичен ретроизглед. Звукот на музиката која се интерпретира во овој препознатлив клуб може да направи навистина да се чувствувате како во друго минато време. Најзастапена е џез-музиката која во комбинација со целиот ретроентериер ви дозволува да избегате од модерното секојдневие и да помислите дека времето застанало само за вас.
И музичарите уживаа во атмосферата.
– Не мислам дека постои разлика дали се свири со некое звучно име или со некој непознат на уличен агол. Сѐ додека постои страста за музиката, тоа мене ми е важно. Се обидувам да останам реален. Почнав да свирам на улиците со моите пријатели. Свиревме на покриви на автомобили, со мали тапани во паркот… Секогаш сакам да го задржам таквиот слободарски дух во музиката која ја создавам, без разлика дали е со голема ѕвезда или со локални музичари од градовите каде што патувам – смета Оскар Салас, кој настапи на отворањето на фестивалот.
Идејата за еден ваков фестивал постоела 10 години, но ете требало токму толку време за да се обедини македонската џез-сцена која на публиката ѝ приреди незаборавно музичко и естетско задоволство.
– Џезот има децениски корени во Битола и ќе направиме сѐ за таа супкултура да прерасне во нешто трајно, традиционално и високо вреднувано и од изведувачите и од публиката – вели Дадо.
Игор Божиновски, пак, се погрижи за признанието кое му беше доделено на Оливер Белопета за неговите лично заслуги за промоција на џез-музиката во Македонија. Имено, „Божиновски часовници и накит“ му подари на Белопета специјално дизајниран часовник „Generation 27“. Станува збор за лимитирано издание посветено на елитниот клуб музички изведувачи како Брајан Џонс, Џими Хендрикс, Џенис Џоплин, Џим Морисон, Курт Кобејн и Ејми Вајнхаус.
– Уште една симболика што сакаме да ја одбележиме на првиот „Порта џез-фестивал“ е фактот што годинава се одбележуваат 27 години од постоењето на Европската џез мрежа (European Jazz Network), чиј член на бордот на директори е токму почитуваниот Оливер Белопета – рече Игор Божиновски.
Покрај музичките настапи, присутните имаа можност да проследат и документарен филм посветен на Мајлс Дејвис.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.