„Порта џез-фестивал“ (Porta jazz fest) е нов културен настан што ќе се одржи во Битола. Кажете ни нешто повеќе за настанот, кои музичари ќе настапат, какви содржини ќе ѝ се понудат на џез-публиката?
Дадо: Идејата за ваков тип фестивал е стара околу 10 години и долго тлееше како желба да направиме нешто позначајно за македонската национална џез-сцена. Битола има долга традиција во негување на оваа култура, има изградена публика, која знае да препознае вистински вредности и да ги почитува. Конечно, собравме храброст да го организираме овој фестивал, со оглед на тоа дека неодамна, со отворањето на новиот простор на клубот „Порта џез“ се создадоа и реални услови за организација на ваков амбициозен тип на настан. Фестивалот почнува во петок, на 28 март, и ќе трае три дена. Љубителите на џезот на сцената на „Порта џез-фестивал“ ќе имаат можност да ги проследат најеминентните џез-изведувачи од нашата земја и неколку гости од странство. Меѓу нив се „Тони Китановски трио“, Алек Секуловски, Сашо Поповски, Оливер Јосифовски, Сетстад Џезабел Квинтет, Кубанецот Оскар Салас и Американецот Дејв Вилсон. На свеченото отворање ќе биде присутен и господинот Оливер Белопета, кому сакаме да му оддадеме посебно признание за сѐ што направи за досегашна промоција на џез-музиката во Македонија. За сите заинтересирани фестивалската програма во сабота ќе понуди и џез-работилница и проекција на филмови.
Настанот го најавивте како славење на националната џез-сцена и собирање на едно место на најдобрите македонски џезери и на нивните љубители. Ќе се промовира ли Битола како нов центар на џезот? Ќе прерасне ли ова во традиција?
Дадо: Џез-културата во Битола одамна има фатено длабоки корења и децениска е потребата за ваков проект, кој ќе овозможи негување на таа традиција и засилување на синергијата меѓу џез-музичарите и битолската публика. Судејќи според ентузијазмот со кој беше поддржан овој проект од нашите партнери, генералниот спонзор „Божиновски часoвници“, како и поканетите џез-музичари, верувам и се надевам дека ова е само првиот чекор кон нешто што ќе трае долго. Главниот збор, сепак, ќе го има публиката, која, се надевам, ќе се препознае во естетиката и во смислата на овој настан.
Покрај музичките настапи, предвидени се и проекции на филм, но и работилници под менторство на познати македонски музичари. Каков е Вашиот впечаток за интересот за џезот во Македонија? Има ли публика со оглед на сѐ поголемата експанзија на турбофолкот и на другите правци на шунд-музика во земјава?
Дадо: Факт е дека шундот и неквалитетот многу лесно окупираат огромни површини на нашата културно-општествена мапа. Од друга страна, уште со отворањето на првото џез-кафе пред 21 година во Битола, вљубениците и познавачите на ваквиот музички израз почнаа да се препознаваат и да гравитираат околу ова средиште на живите музички изведби. За овие две децении се надевам дека придонесовме да се создаде една здрава, критична, едуцирана и урбана публика, која знае да препознае што е добар џез. На тој начин, веќе две децении донкихотски ја промовираме џез-културата во Битола и пошироко. Од друга страна, нашиот град е препознаена колепка на културни настани, збиднувања, нови аванградни тенденции и сметам дека е плодна почва за да стане познат и како џез-центар. Верувам дека Битола има публика со изграден вкус.
Планирате ли во иднина да поканите гости од странство?
Дадо: Идејата е „Порта џез“ да биде фестивал посветен, пред сѐ, на домашната џез-сцена, кој ќе ја негува македонската џез-сцена. Сакаме да ја потсетиме домашната публика какви мајсторски џез-изведувачи имаме во Македонија.
Тоа не значи дека манифестацијата ќе биде затворена за странски гости, па така и годинава имаме двајца гости, од Куба и од САД, а ќе се потрудиме и до година да имаме интересни изведувачи од странство. Знаете, џезот е универзален јазик, кој не трпи граници и ограничувања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.