Пијаниното на кое познатиот германски композитор Јоханес Брамс во 1885 година, за време на летниот одмор свирел и го компонирал „Унгарски танц“ е во Музејот во Штип. Пијанино на кое свирела една од најмаркантните музички фигури на 19-от век Јоханес Брамс е подарок од штипјанката Вера Јосифова-Хорват, која го купила од штипјани кои го донеле од Швајцарија.
-Си реков ова не припаѓа тука, не треба дома да се чува. Ова е голема и вредна работа, ја почна Вера својата приказна за одлуката да го подари пијаниното на музејот во Штип.
Вера Јосифова-Хорват е 74-годишна штипјанка. Горда на својот роден град Штип и на Македонија. Иако со кревко здравје одлучи да издвои малку време и да ни ја раскаже приказната за пијаниното и нејзината љубов кон музиката. Таа е мошне решителна жена, со силна воља и голема желба за афирмација на градот, кој го носи во срцето и од него ја црпи енергијата, иако поголем дел од животот го поминала во Германија и во Хрватска.
-Од 1967 до 1987 година живеев во Германија, каде работев како лаборант. Музиката секогаш била моја голема љубов. Од секогаш сум имала пијано во мојот дом. И во Германија кога живеев имав пијано во мојот дом. Желбата да бидам пијанистка потекнува уште од моето најрано детство, но мајка ми беше самохран родител и морав наместо во музичко училиште да завршам гимназија, а потоа и две години изучував за лаборант, за на крајот во Белград да дипломирам дефектологија. Потоа долги години работев во Германија. Кога со мојот сопруг се преселив во Загреб и таму си купив пијано, а по смртта на сопругот кој по потекло беше од Хрватска, се вратив во Штип, раскажува Вера.

Пијаниното го пронашла во продавница за музички инструменти во Штип, каде стоело отфрлено во магацинот. Продавачот, не знаејќи какво богатство поседува, едвај чекал да го продаде. Пијаниното е купено во Швајцарија и сопствениците воопшто не знаеле што имаат во своја сопственот. Го продавале за 1.000 марки во тоа време.
-Го подигнав капакот, видов дека е вреден инструмент и веднаш го купив. Во тоа време мојот внук изучуваше да свири пијано, му беше потребен инструмент за да вежба и затоа барав да купам пијано. Откако го донесов дома, инаку пијаниното е многу тешко, има метална конструкција и мораше осум лица да го кренат за да го донесат до мојот дом, постојано го чистев и го одржував со голема љубов. Знаев дека е вреден инструмен и еден ден го повикав Деканот на музичката академија во Штип од кого побарав совет, а потоа и двајцата одлучивме да му го подарам на музејот, вели Вера.
Во внатрешниот дел на пијаниното стои позлатена плочка со датум 15 август 1888 година, а на неа се врежани зборовите на благодарност со кои Јоханес Брамс и се заблагодарува на фирмата што го изработила, благодарност за убавите моменти што ги доживеал при создавањето на својата музика.
-Ова е неверојатно драгоцен подарок од наша сограѓанка која самата дојде во нашата институција и укажа дека го поседува пијаниното на кое свирел и својата музика ја создавал Брамс и дека сака да му го подари на музејот, вели Зоран Читкушев, директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Штип.
-Сега сме во тек на подготовка на банери на кои ќе биде претставена биографијата на Јоханес Брамс и на најпознатите музички дела кои тој ги создавал. Уште отсега владее вистинска треска да се види пијаниното, но, освен за медиумите, тоа засега останува настрана од окото на пошироката јавност, вели Читкушев.
Јоханес Брамс е германски композитор од 19 век. Компонирал симфонии, клавирски концерти, камерна музика, а особено се истакнал со композициите за соло-песни. Роден е во Хамбург во 1833 година, а починал во Виена во 1897 година. Колку дела создал на пијаниното кое од неодамна го поседува штипскиот Музеј не е познато. Како што сега стојат работите, прв на ова славно пијанино ќе музицира некој од професорите по пијано на Факултетот за музичка уметност при штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“. Тоа ќе се случи по најмногу еден месец кога пијаниното на кое компонирал Брамс ќе биде претставено пред македонската јавност.
Музејот во Штип е отворен на 10 мај 1950 година. Првата поставка на Музејот била поставе во Хуса – Медин пашината џамија и имала етнолошки карактер, но на 11 октомври 1956 година, тој е преместен во ново-адаптирана зграда од староградска архитектура, позната како куќата на Арсови, а тоа се браќата Тошо и Љупчо, народни херои.
-Во историскиот дел на поставката има околу 1000 вредни експонати од кои 500 се фотографии изложени на паноа, а останатите се оружје, монети и документи изложени во витрини. Оружје од османлискиот период, Илинденското востание, Балканските војни, Првата и Втората светска војна. Овде се чува и оригиналното дело „Различни поучителни наставленија“ од Јоаким Крчовски. Печатена е во Будим во 1819 година. Имаме и свидетелство на Трајчова Тана, на кое е потпишан Гоце Делчев, кој во тоа време бил учител и предавал, четири предмети: историја, географија, геометрија и француски јазик, ни раскажа Емилија од музејот во Штип.
Поставката содржи и илинденски значки кои ги добивале учесниците во востанието, надгробната плоча на Мише Развигоров, оригинални свидетелства на учесниците во Балканските војни, руски и српски сабји, француски шлем, кожен германски шлем, оригинални фотографии од кралот Александар Караѓорѓевиќ на 13 ноември 1924 при изградба на маларичната болница во Штип, прославата на Водици, првите партизански одреди, депортацијата на Евреите, делегатите на Првото заседание на АСНОМ, па се до осамостојувањето на Македонија на 8 септември 1991 година, со фотографии на првиот Претседател Киро Глигоров, на првиот Премиер Никола Кљусев и на двајцата штипјани министри во првата македонска влада Јордан Мијалков и Ѓорги Наумов.
Штип е град во источниот дел на Република Македонија, по долината на реката Брегалница. Тој е еден од најстарите градови во Македонија. Тврдината Исарот е главното обележје на овој град и воодушевува со прекрасната панорама на целиот град. Денешниот изглед на тврдината потекнува од 14 век, а во 2009 година, откриени се 30 метри од тунелот што води од реката до врвот на Исарот, со што се потврдила легендата дека Штип бил освоен од Османлиите преку таен тунел под Исарот.
На самиот влез во градот ќе ве дочека Емир Ќучук Султановиот мост, кој бил изграден во 1672 година. За време на Првата Светска војна, преку мостот поминувала демаркационата линија, која го делела градот на српски дел (населбите од десната страна на Брегалница) и бугарски дел (левата страна на градот). Македонската архитектура од традиционален карактер се гледа преку градбите во Штип. Штипската Саат – кула е споменик на културата од 17 век и е под заштита на државата. Штипјани ја знаат како Саат – кула, а таа е, всушност, Бегова кула. Според историските факти кулата била изградена од турски бег, кој живеел во Штип, но неговото име не останало запишано. Тој ја направил кулата за да го заштити семејството во кризни времиња. На објектот имало и пушкарници и балкон, а еден век подоцна на кулата бил поставен и часовен механизам. Дел од кулата бил урнат во 1934 година. Според едни толкувања, уривањето било од безбедносни причини. Според други, тоа било резултат на немирот кај пошироката околина од силното отчукување на часовникот. Според ракопис на еден од одржувачите на Саат – кулата, таа датира од 1650 година и е поврзана со легендата која вели дека турскиот бег се вљубил во убавата штипјанка Анка. Сакал да ја потурчи и во тоа бил мошне упорен. Таа за да се ослободи од него, прифатила да се потурчи, но под услов бегот за возврат да изгради кула која ќе биде и градски саат. Анка мислела дека бегот ќе се откаже, но тој за многу кусо време ја изградил кулата и ја одвел со себе младата штипјанка.
Џамијата Хуса Медин Паша е изградена на рид на левата страна од градот. Објектот е познат и како црквата Свети Илија бидејќи се верува дека е изградена на основите на древен христијански храм. Според легендата, џамијата била изградена во 17 век. Се верува дека црквата посветена на Свети Илија била изградена помеѓу 13 и 14 век. Веднаш до џамијата се наоѓа гробот на Хуса Медин Паша. Во центарот на Штип се наоѓа објект што по својата архитектура потсетува на средновековен исламски пазар. Се вика Безистен. Името потекнува од турски збор што во превод значи: пазар. Нема точни податоци за изградбата, но се претпоставува дека датира од времето помеѓу 16 и 17 век. Бил користен како пазарен центар за размена и продажба на разни стоки.
Ново Село е една од најстарите населби во Штип. Станува збор за историско место, познато по престојот на македонскиот револуционер, Гоце Делчев, кој бил учител во тамошното училиште. Се претпоставува дека како посебна населба Ново Село постоело уште пред тринаесеттиот век. За турското население Ново Село било забранета територија. Овде Турчин не смеел ниту да помине, а ако евентуално се најдел навечер таму, жив утрото не го дочекувал. Немале проблеми само оние кои доаѓале со добра намера.
Во периодот на 19 век Ново Село игра клучна улога во будењето на националната свест кај македонскиот народ, особено по учителствувањето на Даме Груев и Гоце Делчев. Низ историјата Ново Село се споменува како родно место на многу истакнати македонски дејци. Дел од нив местото во историјата си го нашле, а дел, пак, се предмет на најразлични контраверзии. Имено, овде се родени: Михајло Апостолски, Тодор Александров и Ванчо Михајлов. Едни од познатите стари штипски семејства, чие потекло е од Ново Село се: Чепреганови, Мијалкови, Хаџи Кимови и многу други.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


