Австриските медиуми со голем интерес ја проследија вчерашната конференција за печат на директорите на македонската, австриската и на германската полиција, д-р Љупчо Тодоровски, Франц Ланг и Андреас Роринг, што се одржа во Виена, а е посветена на последна заедничка полициска акција во рамки на операцијата „Диригент“ за искоренување на наркотрговијата во Виена, Франкфурт и во други европски градови.
Во репортажата на ОРФ, државната австриска телевизија, со исечоци од полициските активности на припадниците на МВР од 8 овој месец на подрачјето на Скопје, Велес и на Куманово, се вели дека е пресечен уште еден опасен наркоканал за трговија со дрога во Виена. Притоа во изјавата на директорот на сојузната крим-полиција на Австрија, генералот Ланг се посочува огромниот придонес и висок степен на професионализам на припадниците на македонската полиција, кои во континуитет последниве две години заеднички со австриската полиција им зададоа силен удар на виенските наркодилери.
Новинската агенција АПА потенцирајќи дека македонската полиција ѝ зададе удар на криминалната организација што ги снабдувала со хероин наркопазарите во Виена, Франкфурт, но и во други европски градови, пренесува детали од акцијата во Македонија. Притоа се посочува дека разбиената криминална група во последниов период „успеала“ да покрива дури 70 проценти од виенскиот наркопазар.
Истовремено се цитира изјавата на директорот Тодоровски дека криминалната организација висококвалитетниот хероин го набавувала од Турција, а потоа го транспортирала во Виена каде што дрогата била дистрибуирана за продажба. Покрај ова, АПА пренесува дека во заедничките полициски активности само на подрачјето на Виена од септември минатата година до денес се уапсени 18 лица, а се запленети вкупно 10 килограми хероин, еден и пол килограм кокаин, еден килограм марихуана, како и парични средства (30.000 евра), а, пак, во Германија во истиот период биле уапсени 16 лица, а биле запленети 5,5 килограми хероин.
Вчера по конференцијата за печат директорот на БЈБ Тодоровски беше примен и од австриската министерка за внатрешни работи Јоана Микл Лајтнер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


