| четврток, 6 декември 2018 |

Театар „Комедија“ од денеска има свој објект, претставите ќе се играат во театар „Центар“

Со одлука на Владата објектот на театарот „Центар“, каде што претходно беше сместен Македонскиот народен театар, е доделен на НУ „Театар комедија“, кој досега функционираше во просториите на Драмскиот театар.

По тој повод, „Театарот комедија“ утревечер  во 20 часот во новиот простор организира настан насловен „Микс на среќата“, кој е компилација на шест претстави по 15 минути со кратки интермеца. Ова денеска го истакнаа министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, која го посети новиот простор на „Театарот Комедија“ и директорката на „Театарот Комедија“, Јелена Жугиќ.

– Со „Миксот на среќата“ ќе почне објектот да зрачи со оној најубавиот хормон ендрофин. Во центарот на Скопје добивме објект кој ќе биде храм на смеењето, уметноста, на културата. „Театар комедија“ почнува со работа од 12 март, тогаш ни е првата претстава. Понатаму имаме сериозен репертоар. Премиера ќе има на средината на април, рече Жугиќ и додаде дека „Театарот комедија“ првата претстава ја изведе на 27 март 2012 година.

– Досега имаше публика од над 30.000 посетители во „Театарот комедија“. Навистина се потврдија заложбите на Владата и на Министерството дека е потребен еден ваков нов театар кој нуди еден поразновиден жанр и претстави на кои луѓето може да дојдат да се насмеат, да избегаат од секојдневните проблеми итн. Тоа ни беше и целта да се основа овој театар каде ќе можеме да видиме комедија, мјузикл и разновидни други вариетети кој ги нуди „Театарот комедија“, рече Канческа Милевска.

Во овој простор, нагласи министерката, за кратко време се направени одредени инфраструктурни измени, инвестиции, каде може да се види промена во фоајето, дел и од сцената итн.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека се планира по пат на јавно приватно партнерство да се изградат два театри, на местото на Драмскиот театар и на местото на стариот МНТ и проектите се целосно завршени.

– Има многу странски инвеститори заинтересирани за изградбата на Драмскиот театар. Таму и тука просторот согласно деталниот урбанистички план е со поголема висина каде се нуди можност да се привлече интерес од страна на странскиот партнер. Беше објавен повик и по завршување на законските процедури јавноста ќе биде информирана, посочи Канческа Милевска.

Што се однесува до иградбата на местото на стариот МНТ, исто така, информира министерката, проектите се завршени.

– Во моментот се работи физибилити студијата која за брзо време ќе биде завршена по што ќе ја информираме Владата која треба да донесе одлука за отворање јавен повик. Доколку не се успее да се најде инвеститор по пат на јавно приватно партнерство ние како држава ќе продолжиме согласно проектите да ги градиме театрите, додаде Канческа Милевска.

Жугиќ, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека имале четири нови вработувања -освен актерските имало и технички вработувања.

– Навистина многу ни помогна трансферот од Македонски шуми. Трансферирани ни се осум луѓе кои ни го пополнија оној технички дел, значи сценската техника, хигиеничарки, портири итн. Со мали надворешни соработници можеме да постоиме без услугите на Драмски театар. Ансамблот сега сочинува 33 луѓе од кои 13 се актери. Останатите се технички, адмнистративен персонал, имаме правна, маркетинг служба, техничко одделение, истакна Жугиќ и се заблагодари на Драмскиот театар, кој изминатите две години го прифатил „Театарот комедија“.

За гостувањето на Театарот Комедија со претставата „Женидба“ од Гогољ во Руската федерација, Жугиќ додаде дека предизвик е да се отиде со руски автор во срцето на таа држава и оти со нетрпение ја очекуваат таа изведба во мај.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top