| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија доби најмодерен Центар за обука на пилоти во ЈИЕ

centar-pilotiii (1)
Македонија доби современ и единствен од таков вид во регионот ,Центар за обука на пилоти, кој што македонската Влада и Министерството за одбрана го градеа заедно со израелската компанија „Елбит“

Центарот беше отворен денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.

За првпат во Република Македонија во делот на одбраната се изгради комплекс којшто е исклучително технолошки напред, којшто ќе овозможи исклучително брз развиток на Армијата во делот на обука на пилоти.

Суштината на овој проект не е само да продуцира пилоти за Министерството за одбрана, туку има една цивилна димензија, а тоа е да обучува пилоти за севкупна употреба на Република Македонија и од цивилен и од воен дел.

На свеченото отворање денеска присуствуваа премиерот Никола Груевски и претседателот Ѓорѓе Иванов, министри од Владата на Република Македонија, како и идните пилоти.
-Соработката на Македонија со „Елбит системи“ од Израел започна уште пред 10 години за денеска заеднички да го реализираме овој проект кој не само што е од големо значење за Македонија, туку и за регионот. Според анализите кои ги направивме имавме две можности. Едната беше да плаќаме скапи обуки во странство, а другата да изградиме свој центар во кој ние ќе обучуваме кадри. Ние се одлучивме за втората можност – изјави Груевски.

Тој додаде дека со јавното партнерство со „Елбит системи“, ние сме должни да вложиме 43 милиони евра, додека „Елбит“ треба да изведе обука на 52 пилоти, да купи 4 хеликоптери и да изгради најсовремен центар за обука на пилоти.

Овој центар ќе биде промовиран надвор од Македонија, а е промовиран и во НАТО и ги исполнува највисоките стандарди.

-Со овој проект се потврдува посветеноста на државниот врв за постојано вложување во модернизацијата и едукацијата на приврзаниците на Армијата на Република Македонија и на другите безбедносни структури. Очекувам ваквата соработка да продолжи, долгорочниот план за развој на одбраната кој минатата година беше усвоен од страна на Владата на Република Македонија да започне со имплементација оваа година – истакна претседателот Иванов.

Проектот има многу добри димензии кои практично овозможуваат едно нормално функционирање на Центарот. Се протега на 13.000 метри квадратни, во рамки на објектот има четири модули, а тоа е модул за овозможување на теоретска и практична настава на слушателите, модул кој значи практична обука за летање, модул којшто го покрива делот за одржување и сервисирање на хеликоптерите и модул за симулатори за МИ-24 и МИ-17.

Ваков центар нема никаде во југоисточна Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top