| четврток, 6 декември 2018 |

Одбраната го поби тврдењето на СЈО за блиндираното возило

Одбраната во целост го поби тврдењето на СЈО дека блиндираното возило било вонрeдно скапо и дека било набавено затоа што во 2012-та Груевски изразил таква желба.

Спротивно на ова тврдење, видно од предложените докази, МВР кое е раководено од Оливер Спасовски, доставило документација до СЈО со која се потврдува дека врз основа на претходно утврдена неопходност од набавка на возило со специјална безбедносна заштита, пред спроведувањето на постапката за набавка на блиндирано возило од 2012, уште со Планот за јавни набавки за 2011 година била предвидена набавка на половно блиндирано патничко моторно возило (ПМВ), пишува „Курир“.

За таа цел МВР на почетокот на 2011 по претходно испитување на пазарот во рамките на кое се прибавени 2 индикативни понуди за цената на чинење и нивото на опременост на возилата од ваков тип, спровело отворена постапка за набавка на блиндирано ПМВ.

Со оглед на тоа што иако економските оператори од кои биле прибавени индикативните понуди во рамките на испитувањето на пазарот, располагале со ПМВ кои одговарале на барањата на договорниот орган, во предвидениот рок до МВР не била доставена ниту една понуда, тендерот е поништен и во тековната буџетска година не е распишан нов.

Од овие понуди се гледа дека цената на новото блиндирано ПМВ набавено во 2012 е во рангот на цените кои во 2011 биле понудени за КОРИСТЕНИ-ПОЛОВНИ БЛИНДИРАНИ ПМВ кои изнесувале:

AUDI A8 6.0 W12 QUATRO Security (продолжена верзија) (заштитена категорија VR6/VR7) 328.412 евра со вклучен ДДВ и
BMW 760 LI High Security (HP81) (се смета за еквивалент на возилото набавено во 2012), со стандардна опрема 567.616 евра со сите давачки, што е речиси идентична цената за новото ПМВ со највисок степен на заштита набавено од страна на МВР (35.226.000,00 денари со вклучени давачки кон државата).
Истото се потврдува и од другите доказите предложени од самото СЈО, од каде се гледа дека Мак кар во 2012 во својата понуда имал две возила со заштитена категорија VR6/VR7 и цената на возилата BMW 7 series Limousine High Security 750iL била 309.000 евра, а на 760iL (кое се смета за еквивалент на возилото набавено од страна на МВР во 2012) е 345.000 евра без давачки односно разликата во однос на набавеното возило од страна на МВР во 2012 која изнесувала била 345.272 евра без давачки, е само 272 евра.

Од Решението за внатрешна распределба на буџетот, Буџетот на МВР за 2012 и Буџетот на МВР за 2011 година се потврдува дека средствата за спроведување на набавката во целост биле обезбедени на соодветната буџетска ставка во соодветната буџетска година.

Со ова во целост се побива тврдењето дека МВР било со намалена економска и куповна моќ, што впрочем како квалификација и не соодветствува за буџетски корисник бидејќи буџетските корисници располагаат со онолку средства колку што Собранието ќе одобри во буџетот, а истите во Буџетот се утврдени со конкретни износи, за конкретни намени и се распределени на конкретни буџетски ставки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top