| четврток, 6 декември 2018 |

Трајчевски:состојбата со медиумите не е толку лоша

трајцевски

Претседателот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски смета дека состојбата со слободата на медиумите не е толку лоша како што сакаат да ја прикажат одредени невладини организации, бидејќи, како што вели, обично најлошите оценки доаѓаат од неколку светски невладини организации.
– За да се добие реална слика и да се донесе реална оценка за состојбата на медиумите во Република Македонија, тие невладини организации треба да бидат објективни и да ги прашаат или да бидат вклучени во давањето оценка сите релевантни фактори во Република Македонија – вели Трајчевски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Во врска со попустите на медиумите за рекламирањето на политичките партии во изборниот период, Трајчевски вели дека во изминатиов период Агенцијата, согласно со Изборниот законик, ги добивала ценовниците од медиумите, меѓутоа тие имале можност да им дадат попуст на партиите до пет отсто од вкупниот приход.
– Со измените на Изборниот законик оваа висина на попуст не е веќе 5 проценти, туку е ограничена на фиксна сума од 50 илјади евра, така што сметам дека ова решение е далеку подобро од тоа што беше претходно каде што беше врзано со процент – вели Трајчевски.
Освен тоа, додава, со измените во Изборниот законик е предвидено ценовниците да ги доставуваат и до Државниот завод за ревизија, до Државната комисија за спречување на корупцијата и до ДИК, така што сите институции имаат увид во ценовниците на медиумите и што, според него, е многу важно, висината што можат да ја донираат е драстично намалена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top