| четврток, 6 декември 2018 |

МВР: СДСМ продолжува да ја манипулира јавноста

mvr

СДСМ продолжува срамно и скандалозно да ја манипулира јавноста во недостиг на нови идеи и проекти, реагира Министерството за внатрешни работи по денешната прес-конференција на која опозициската партија побара информација за истрагата за експлозијата во Карпош.

– СДСМ денеска одлучи да продолжи со промовирање на тоталното непознавање на новиот Закон за кривична постапка и улогата на Јавниот обвинител во неа. Веднаш по пријавата за активирана експлозивна направа на улица „Варшавска“ во која беа оштетени просториите на фирмата „Озон“ и комисијата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на лице место излезе надлежен Јавен обвинител кој ја води истрагата – стои во реакцијата на МВР.

Незнаењето на важечката законска регулатива од страна на СДСМ, Министерството, како што наведува, нема да го третира како зло и јавно ја повикува партијата  во Обвинителството или во полиција да обзнани нови информации за случајот.

Од СДСМ денеска побараа објаснување од МВР која е причината за молкот на Министерството во врска со бомбашкиот инцидент пред просторијата на СДСМ во Карпош?

– Дали МВР 6-ти ден нема што да каже за експлозија што искрши стакла на канцеларија во којашто се наоѓаа 30-тина млади? Да не говориме за односот на градоначалникот Јакимовски, кој срамно не го ни осуди инцидентот кој се случи во општината со којашто раководи – рече на денешната прес-конференција, Стефан Богоев, претседател на СДММ.

СДСМ бара од МВР веднаш да ја извести јавноста за текот на истрагата и за досега преземените активности во врска со овој случај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top