Раул Гонзалес е првиот Шпанец, тренер на македонски клуб во било кој спорт, а од неодамна ја доби довербата на Сергеј Самсоненко да го предводи Вардар во обидот да се направи посериозен исчекор кон Европа. Разговорот со 44-годишниот ракометен стратег се случи непосредно пред ждрепката на осминафиналните двојки во Лигата на шампионите. Вардар ќе игра против актуелниот европски шампион Хамбург, а Гонзалес вели дека е сеедно против кого ќе играат „црвено-црните“, бидејќи избор речиси и да немаше. Силни екипи се и Веспрем и Кил, сите три со Хамбург, првопласирани во фазата по групи во Лигата на шампионите. Шпанецот не дочека со насмевка и веднаш потврди дека аклиматизацијата во Скопје и во Македонија добро му оди.
„Здраво, како сте, мило ми е што се запознавме“, на солиден македонски јазик не поздрави поранешниот носител на олимписка бронза од Атланта 1996 година. Со Шпанија како играч беше третопласиран на ЛОИ пред 18 години.
Идентично име и презиме со фудбалската легенда на Реал Мадрид, чиста конциденција
И веднаш ја сврте работата на шега, знаејќи дека ќе го прашаме за интересната коинциденција со фудбалската икона на Реал Мадрид и на шпанската репрезентација.
„Знам дека Ве интересира, но иако имаме исто име и презиме со легендата на шпанскиот фудбал Раул Гонзалес, сепак не сме род. Јас сум малку постар од него, па веројатно тој го зел од мене името и презимето“, се пошегува тренерот на Вардар.
Вели дека не размислувал многу кога го прифатил предизвикот да допатува во Македонија и да го превземе кормилото на Вардар. За него ова е прв професионален ангажман како прв тренер на ракометен клуб, откако занаетот го печеше кај врвните стручњаци Талант Душебаев, а соработуваше и со Хуан Карлос Пастор. Тројцата стари познаници имаат бронзен медал од ЛОИ во Атланта во 1996 година.
„Дефинитивно во Македонија се игра одличен ракомет. Тоа го знаев следејќи ги натпреварите од Лигата на шампионите, и од европските и светските првенства. Многу малку знаев за вашата земја пред да дојдам во Вардар, а најмногу ме привлече предизвикот што е пред мене. Вардар е сериозен проект и јас сакам да бидам дел од него“, вели ракометниот Раул Гонзалес.
Што мисли за македонското ракометно чудо со 3 екипи од ист град во Лигата на шампионите, за навивачите, за тоа како дошол во Македонија, за пријателството со семејството Душебаеви и уште многу други работи, прочитајте во најновиот број на неделникот „Република“ што веќе е во продажба.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Прв триумф на Металург во Лигата на шампиони
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар