| четврток, 6 декември 2018 |

Потпишан меморандумот за соработка со клиниката во Штутгарт

bolnica stutgart

Никола Груевски, премиерот на Македонија кој ја завршува посетата на Германија, потпиша меморандум за соработка со престижната Клиника во Штутгарт.

Меморандумот, опфаќа размена на искуства и искористување на медицинското знаење и потенцијал на Клиниката во Штутгард која е една од најнапредните во Германија.

– Ја посетивме главната градска државна Клиника во Штутгард, која што е многу напредна во многу области, а со која што потпишавме и Меморандум за соработка, преку кој ќе извршиме размена на лекари. Наши лекари ќе доаѓаат тука на обука за учење на нови понапредни методи кои се уште ги нема во нашата држава и нивни лекари ќе доаѓаат во Македонија, исто така на поголем број лекари и медицински персонал да им ги покажат најновите вештини што ги имаат научено и кои ќе ги пренесат на нашите лекари, изјави премиерот Груевски.

Тој додаде дека оваа практика е воведена со започнувањето на програмата за петстотини лекари и медицински персонал  од Македонија годишно да одат на обуки во понапредни болници и клиники во странство, главно во Америка, Германија, Франција, Турција, Англија и други напредни држави.

-Од неодамна и во самиот наш закон е дека секој лекар има обврска најмалку 6 месеци во период од 5 години да ги помине на обука во некоја понапредна болница или клиника низ светот. Така што, обезбедуваме една клиника повеќе каде што ќе доаѓаат нашите лекари и од каде што ќе доаѓаат нивните лекари во Македонија, рече Груевски.

Практичната соработка би се состоела од размена на лекари, пред се од болницата да дојдат во Скопје и  заедно со цели тимови да работат на обука и да вршат операции во присуство на македонски лекари.

-Оваа болница е меѓу најголемите во Германија и има најмодерна технологија за истражување и нега на пациенти. Потпишаниот меморандум со Македонија за нас значи почеток на плодна соработка и можност да научиме нешто едни од други. Ние носиме техники и процедури во Македонија, но сигурен сум дека и ние нешто ќе научиме од Македонија во однос на негата и како да се снаоѓаме во разни ситуации. Затоа нетрпеливо ја очекувам соработката, истакна раководителот на градската Државна клиника во Штудгарт Јурген Крафт.

Клиниката Штутгарт обезбедува висок степен на специјализација и широк спектар на услуги во речиси сите медицински дисциплини. Болницата има  2.100 болнички кревети, а годишно се третираат над 87.000 пациенти, како и 425.000 амбулантски случаи годишно. Вкупниот број вработени е 6.800 кои обезбедуваат непречено функционирање на болницата.

Болницата во Штутгарт меѓу другото опфаќа и спроведување на настава која е дел од Универзитетот во Тубинген со директен пристап до најновите научни сознанија и методи во дијагностиката и терапијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top